• Зоран Мишевски

Европското првенство ја доживува вистинската димензија. 100.000 Шкотланѓани го „окупираа“ Минхен. Нема никаков проблем, само многу песна, колорит и пиво и загревање за големиот натпревар. Така и треба да биде кога игра твојата селекција, посебно по вака успешен циклус квалификации. Немаат сите билети, но не им е многу грижа, ја имаат фан-зоната, каде е исто така убаво и забавно. На истото тоа место пред неколку дена пееше Ед Ширан, а наскоро ќе се појави култната AC/DC.
- Најавата за натпреварот Германија - Шкотска:
А балканските фанови имаат свои планови. Србите испланираа перфектен викенд. Концерт на Лепа Брена в сабота во Минхен, па правец за Гелзенкирхен в недела за дуелот Србија – Англија и враќање во Минхен за Словенија и Данска. Ако се знае дека „орлите“ на Пикси имааг база во соседниот Аугсбург, српскиот шампионат се одвива најмногу во Баварија.
Меѓу денес и утре се предвидуваат 50.000 албански фанови во Дортмунд. Одличните квалификации со Силвињо на клупата донесоа енергија и ентузијазам и со сигурност Албанците ќе бидат мнозинство на „Сигнал Идуна Парк“ против бранителот на титулата Италија.
Хрватите со сигурност во Берлин ќе бидат побројни од Шпанците, а наскоро доаѓаат и Словенците за дебито со Данска. Од Балканците стигнаа најмногу апликации за билети, па да се надеваме дека долго ќе останат на шампионатот.