Gol.mk на ЕП: Се победува или со игра или со големи шампиони!

Gol.mk на EURO 2024

Некогаш големиот Ариго Саки, по завршувањето на тренерската кариера, изјави дека Милан, Атлетико Мадрид, па дури и второлигашот Парма играле поубав фудбал од италијанската репрезентација која играше финале на Светското првенство во САД 1994 година. Впрочем, невозможно е да ги задоволите сите вкусови и да играте и убаво и да победувате и да освојувате трофеи. Посебно е тешко за репрезентација која не тренира и создава механизми како еден клуб, каде работата на тренерот е поинаква од таа на селекторот.

Ако игра како против Словачка во осминафиналето, англиската фудбалска репрезентација треба да ја подготви нацијата за брзо враќање дома. Но, ваквиот начин да се победи може и да ги отвори очите, да ги смени размислувањата и да гледаме поинаква Англија до крајот.

Секоја репрезентација има еден проблематичен натпревар на голем турнир и треба и среќата да ја помилува на патот до големите победи. Но, ако го анализираме одиграното Словачка повеќе заслужи четвртфинале од Англија и ако не беа индивидуалните квалитети, сега скапите ѕвезди ќе се пакуваа за дома. Впрочем, големите трофеи се освојуваат или со индивидуалци со врвен квалитет или со колективна игра која не зависи од еден или два играчи.

Англија нема никаква игра, а селекторот не се ни труди да изгради. Впрочем, сега е и предоцна за нешто радикално. Класата на Белингем ги спаси од пораз, а потоа уште една супер-ѕвезда, Хари Кејн, се најде каде што треба да се најде за да го постигне победоносниот погодок. Како е можно е екипата која ги има најдобрите фудбалери во Примера и Премиер лигата (Белингем и Фоден) и „Златната копачка“ на Европа, Хари Кејн, да игра беиздејно, без план, без воиграни акции...За нешто повеќе Саутгејт мораше повеќе да мисли на средниот ред, да го повика Медисон, можеби и Хендерсон, за да има баланс на средината на теренот. Одбраната е непрепознатлива, многу лошо играат Сака и Фоден, а позицијата на која се менуваат актерите (Мајно, Арнолд, Калахер) не носи ништо кон напред. Напротив, често изгледа како најслаба карика.

Не верувам дека Англија може многу нешта да промени пред четвртфиналето, само што ќе игра уште потврдо и подефанзивно. Дали ја потрошија среќата со Словачка или имаат уште од „магијата“ на Белингем и Кејн за место во историјата?