• Зоран Мишевски

На првите два натпревари хрватската репрезентација разочара и освои само еден бод од можните шест. Но, поправен испит има вечерва во Лајпциг против Италија. Толку критикуваната селекција на Далиќ е пред раскрсница или можеби последна шанса на генерацијата. На последните две големи натпреварувања Хрватска исто така беше пред елиминација во групната фаза, но ремизираше со Белгија и подоцна стигна до полуфиналето на Светското првенство во Катар. Слично беше и на последното Европско првенство, каде победата во Глазгов против Чешка им ја отвори вратата на „коцкестите“ до осминафиналето, во кое подоцна загуби од Шпанија (5-3).
Хрватите отсекогаш знаеле да играат големи натпревари, а и покрај критиките, Далиќ е решен да им даде нова шанса на „сенаторите“. Нема дилеми дека ќе играат Модриќ и Брозовиќ, можеби и Перишиќ.. Италија е идеален противник за враќање на победничките навики. Прво, традиционално Хрватска игра многу добро против „аѕурите“, а второ затоа што во ваков случај на Хрватите им одговара посилен противник, отколку некој против кој можеби предвреме ќе ја впишат победата.
Тактички, Далиќ има големи проблеми и дилеми. Не е случајно што во квалификационата група Хрватска имаше големи маки со Велс, Турција и останати номинално послаби ривали. Оваа генерација е на залез, а новата не изгледа така оптимистички. Посебно заради тоа што не се гледаат идејни лидери во тимот. Но, за иднината има време по првенството, денес на менито е само Италија. Хрватска ќе се обиде да наметне бавно темпо, за да дојдат до израз Ковачиќ, Брозовиќ, Модриќ. Очекувам Пашалиќ да почне од првата минута, а неговиот партнер во нападот останува дилема (Крамариќ, Петковиќ, Будимир).
Голем проблем е компетитивна одбрана и позицијата на Јошко Гвардиол, кој не игра на посакуваното ниво. Неговото перфектно место е лев штопер во формација со тројца дефанзивци, но многу ретко во последните години играше на таа позиција. Како лев бек во формација со четири дефанзивци се соочуваше со многу проблеми кога против себе имаше брзи напаѓачи, па Киеза вечерва може да биде проблем за него и за Хрватска.
Сепак, спортскиот инает и победничкиот дух не е за занемарување и Хрватска не смее да се отпише, иако по мундијалската бронза во Доха тешко може да се најде нешто позитивно во играта на хрватскиот национален тим.