Gol.mk на ЕП: Победата во Португалија ги излажа Србите дека се блиску до светскиот врв!

Gol.mk на EURO 2024

Бурата која ја зафати фудбалска Србија по (не)очекуваното испаѓање во групната фаза на Европското првенство во Германија трае со денови. Се бара смена на селекторот, бидејќи тој од сите е означен како главен виновник што Србија не се бори за големи цели, туку се враќа дома со еден постигнат гол, втор најлош напад и без победа. Но, дали навистина е така?

Еден натпревар во последните 3-4 години целосно ја смени перцепцијата на српските фудбалери, стручниот штаб и навивачите. Тоа е победата во клучниот натпревар од квалификациите за Светското првенство во Катар и победата во Португалија, со голот на Митровиќ во последната минута од натпреварот. Од тој момент српската јавност, сите луѓе во и околу фудбалскиот систем помислија дека Србија е моќ, дека Србија е поквалитетна од Португалија (што воопшто не е точно), дека може да игра со отворен гард дури и против Бразил на Мундијалот.

Но, од тој момент скоро сите српски ѕвезди се во надолна линија на форма и денес се далеку полоши фудбалери, отколку во март 2022 година. Митровиќ и Милинковиќ-Савиќ се преселија во Саудиска Арабија, Тадиќ во Фенербахче, Јовиќ од позајмица до позајмица... Можеби единствено гледаме блесоци од Влаховиќ во Јуве и од Лукиќ во Фулам. Другото наликува на просечен тим, кој со пласман на Европското првенство го достигнал својот зенит. Ако на ова ги додадеме квалификациите, во кои Србија се мачеше или губеше од Унгарија, Бугарија, Црна Гора, можеше да се предвиди тенденцијата.

Сосема друга приказна е како селекторот Стојковиќ ја водеше репрезентацијата. Србија игра тактички збркано, старомодно, без движење без топка, со тактички нелогичности на бековски позиции и во нападот. За сите овие работи Пикси треба да биде критикуван, иако квалитативно во група со Англија, Данска и Словенија, српскиот национален тим е трет по вредност, квалитет и форма, а не заврши на третото место само поради ремито на Словенија со Англија и непостојаноста на главниот фаворит во групата.

Во некоја друга земја не би се ни размислувало за рез и селекторска смена, но во Србија е скоро јасно дека следат промени. И треба да дојдат, бидејќи на јавноста му се сервира нереална слика и за тоа треба некој да плати цена. Странско решение е повеќе напумпана приказна од медиумите. Веројатно пак битката ќе се води меѓу младите српски тренери – Јокановиќ, Пауновиќ, Станковиќ...