Gol.mk на ЕП: Пивниците на Гроскројц, „Жолтиот ѕид“, култот на „Вестфален“...

Gol.mk на EURO 2024

Ако постои перфектен фудбалски град во Европа тоа е сигурно Дортмунд. Култен клуб и стадион, навивачи за пример, историја и иднина на која се гледа со гордост и уште многу позитивни детали.

Деновиве имав можност одблиску да се запознаам со важни моменти од секојдневието на навивачите на Борусија Дортмунд. Нивното прво култно место се пивниците на Гројскројц. Се сеќавате на фудбалерот кој го носеше дресот на Борусија минатата деценија, освојуваше титули во Германија и играше финале на Лигата на шампионите? Кевин Гроскројц живее во Дортмунд, често може да го видите на најфрекфентните места во градот, а неговите неколку пивници во градот се собиралиште на армијата навивачи. Класични германски места за добра забава, надополнети со фудбалски детали и добро пиво, овие пивници се полни и за време на Европското првенство. Во центарот на Дортмунд има голем простор за јавно следење на натпреварите на Германија, кој собира 25.000 луѓе, но пабовите, кафаните се преполни и некогаш се прекршува и работното време за уште едно пиво. Така беше кога гостуваа Албанците и Турците со своите селекции во Дортмунд.

Инаку голем дел од култните фудбалери на Борусија уште живеат во Дортмунд. Рикен е спортски директор, легендарниот Цорк се повлече од ова место, но остана да живее во Дортмунд. Тука е и Невен Суботиќ, кој беше соиграч на нашиот Новески во Мајнц, но откако дојде во Дортмунд, остана да живее во овој град. 

„Жолтиот ѕид“ е нешто посебно. Стадионот „Сигнал Идуна Парк“ или поранешниот „Вестфален парк“ е прекрасен фудбалски стадион. Со сигурност ќе пронајдете поубав, помодерен, пофлексибилен стадион, но духот кој го испраќа кога е полн, го прави стадионот во Дортмунд уникатен. Тука Германија загубила само еднаш – во полуфиналето 2006 година против Италија. Затоа Германците ќе дојдат во Дортмунд за осминафиналето на Европското првенство ако го освојат првото место во групата. Во Дортмунд е тешко за секого, без разлика дали против себе ја имате Борусија или Германија...