• Зоран Мишевски

Уште пред почетокот на Европското првенство, првиот човек на судиската организација на УЕФА, Роберто Росети, објасни дека ова првенство ќе мине без судиски грешки. Ги обелодени и новините, помошта за судиите и силно застана зад својот избор. На една недела до крајот на првенството скоро и да не се зборува за судењето, што е добар сигнал. Исклучок е само осминафиналниот натпревар меѓу Германија и Данска, на кој Данците протестираа за судбината која ги снајде во триесет секунда да прифатат од 1-0 до 0-1.
Впечаток е дека при офсајд моментите повеќе нема дилеми. Иако некогаш делува кобно да се поништи или признае гол за сантиметри, сепак правилото е тоа што е и не постои мал или голем офсајд. Затоа помагалото со полуавтоматски офсајд е за поздравувањето и мора да се воведе секаде, за егзактните одлуки за бидат егзактни, а не варијабилни.
Најголема дилема останува играта со рака, посебно во казнениот простор, кога предизвикува прекршок за најстрога казна. Воведувањето на сензор во топката, кој ја регистрира и најмалата игра со рака имам впечаток дека ги кондиционира одлуките на судиите. Имено, не секоја игра со рака во казнениот простор е пенал, а со сензорот кој регистрира и најмал контакт, судиите се предизвикани да ја потврдат одлуката и да досудат најстрога казна. Во моменти кога во европските национални првенства се суди со неизедначен критериум, играта со рака ќе биде терен за многу полемики и во иднина.
Што се однесува до поединците, судиите од најсилните европски национални првенства отскокнуваат. Англичаните Тејлор и Оливер, Италијанецот Орсато, Французинот Турпан, Ковач од Романија и Марчињак од Полска се кандидати да судат на клучните натпревари. И нема дилеми дека на крајот ќе нема претерани полемики и несогласувања, иако е јасно дека сите не може да бидат задоволни.