• Зоран Мишевски

Сите фудбалски љубители, посебно оние неутралните, сакаат победа со стил, естетски допадлива, полна со добри потези, фантазија и фудбалска „магија“. Но, тоа не е секогаш возможно. Првата споредба меѓу клупскиот и репрезентативниот фудбал не е добар показател. Клубовите секогаш подобро играат од репрезентациите, а и нормално е да е така. Тие се познаваат многу подобро, тренираат секојдневно, играат многу повеќе натпревари и повоиграни се. Да не се заборави податокот дека клубовите немаат ограничувања во купувања фудбалери, а во репрезентациите тоа е невозможно, па некои помали фудбалски нации бираат меѓу помал број фудбалери за членови на националниот тим.
Низ поновата историја се наоѓаат премногу успеси и трофеи кои не се последица на прогресивен фудбал, многу трчање и фантазија, туку на тактичка стабилност, што е помалку можно доза на ризик и индивидуален квалитет. Англија и Франција го набија бесот кај фановите на ова Европско првенство со претпазливиот стил на игра, недостатокот на механизми и воиграност, и неатрактивните победи. Сепак, нивниот случај не е прв во историјата кој донел титули со декадентен фудбал, базиран на детали.
Секако дека прво напамет паѓа Грција на Ото Рехагел во 2004 година. Тој тим, кој немаше премногу квалитет, беше принуден да игра дефанзивен фудбал, со петмина во одбрана и само еден напаѓач. Така Грција ги совлада Франција, Чешка и Португалија и стана европски првак. Сепак, тоа е Грција и нема ростер од милијарда евра како Англија и Франција. Но, на пример Португалија во 2016 година победи со избалансиран тим, без многу ѕвезди и со многу добра дефанзива. Во тој тим со Нани и Роналдо играа многу фудбалери кои се тимски одлични, но индивидуално не остварија големи кариери. Таа Португалија во регуларен тек победи само еден натпревар (против Велс) и стана европски првак. Ете и така се освојува титула.
На Светските првенства исто се случувале големи победи без голем стил. Шпанија во 2002 година играше тики-така со посед и продолжен посед и со ултра-здодевен фудбал и со рекордно мал број на голови стигна до титула. И да не заборавиме дека често победуваше од потег, како Виља против Португалија, Пујол против Германија, Иниеста против Холандија. Примери има уште многу, можеме да ги додадеме и Аргентина 1990 и Италија 1994 година, откако на мала врата стигнаа до финале и потоа загубија.
Ова првенство во елиминационата фаза покажа здодевност, недостаток на идеи и скромен квалитет. Останаа уште три натпревари и неговото височество резултатот пак е приоритет и пак е тешко да се очекува дека нешто радикално може да се промени. Но, дека ќе биде драматично, тоа со сигурност ќе биде така и ќе донесе силни емоции кај сите фудбалски фанови.