Gol.mk на ЕП: Музеј на фудбалот – круна на секоја фудбалска земја!

Gol.mk на EURO 2024

Замислете на едно место во нашата земја да може да се изложат, да се видат детали од нашата децениска фудбалска историја. Не така стара и голема како најголемите фудбалски сили во светот, но за нас скапоцена и незаборавна. Можете ли да претпоставите колку убаво ќе изгледа, колку интерес ќе предизвика еден фудбалски музеј во нашата земја во кој на едно место може да се најдат: дресовите на јунаците од Крањ, „Златната копачка“ на Панчев, трофејот од Лигата на шампионите на Пандев, скудетото на Елмас, Интерконтиненталниот Куп на Најдоски, копачките од првиот официјален гол на репрезентацијата на Стојкоски, митот за Савевски во Грција, како Канатларовски ја делеше соблекувалната со Бебето во Депор, како Давид Бабунски тренираше со Меси...

Може ли на едно место да се стават спомени од непобедливиот Вардар на Хаџиевски, од моќната Слога Југомагнат на Ѓоре Јовановски, од европските настапи на Работнички, Вардар, Шкендија, Победа, Пелистер, Струга. Би било убаво во музеј да заврши шапката на чичко Дончо, генерацијата на Милевски која обезбеди У21 Европско првенство или јунаците од Тбилиси на Ангеловски кои нè направија горди и нè однесоа на Европско првенство. Сè ова убаво изгледа како идеја, не е неизводливо, но во овој момент е далечно од било каква реализација.

Сите овие работи ми паднаа на памет денес кога со часови го разгледував музејот на фудбалот во Дортмунд, во сопственост на Германската фудбалска федерација (ДФБ). Сместен во строгиот центар на градот, во огромен простор и на неколку ката, музејот е преполн со посетители, а сите тие имаат што да видат. Германците одлучија музејот да биде во Дортмунд, а не во Берлин, Минхен, Хамбург, Келн. Има и повеќе причини за оваа одлука. Дортмунд има фудбалска култура, а Борусија е одлична препорака за секој фудбалски фан. Музејот е распространет на два ката, еден за репрезентациите на Германија и еден за клупскиот фудбал. На еден од нив се наоѓа и „Куќата на славните“, каде се дваесетина избрани јунаци. Одушевувачки е како изгледа музејот и идејата која плени и задржува секој да го најде своето катче во овие два ката. Од автентични трофеи, дресови, сувенири, видео и фото изложби, исечоци од весници, од ТВ и радио преноси и уште мал милион детали. Низ мали кино-сали ќе ги чуете ставовите на Бекенбауер, Милер, Матеус, Клинсман, Бироф, Лам, Балак...Ќе ги најдете сите успеси на женската репрезентација, сите освојувачи на Бундеслигата и Купот, најубавите голови, идеалните тимови, стадионите на клубовите, судиите и што уште не.

Ќе ја посетите и трофејната сала, каде се четирите светски и трите европски титули, каде што е „салатарата“ и златниот трофеј на ДФБ Купот. Музејот поседува и свој кафе-бар, продавница за сувенири и фан-шот. Еден билет ќе ве чини 25 евра, но ќе останете со подотворена уста и исполнети со спомени.

Не треба да чекаме да станеме светски прваци за да изградиме наш музеј, да ги овековечиме фудбалските херои, да ги направиме безсмртни спомените за кои пулсира нацијата. Идеи има безброј, а и секогаш ќе дојде некој убав јубилеј кој би го одбележиле со еден фудбалски музеј. Звучи добро, зар не?