Gol.mk на ЕП: Можеа ли Тадиќ и Мбапе да премолчат за колективното добро?

Gol.mk на EURO 2024

Србите како да не можат без скандали и полемики на големите турнири. Поразот од Англија не е нешто неочекувано, но изјавата на капитенот Душан Тадиќ по натпреварот крена голема „прашина“. Легитимно е секој фудбалер да бара простор за игра, но кога работите ќе станат јавни, постои голема шанса за раздор, дополнителни полемики, коментари...

Можеше ли Тадиќ да го каже својот став во соблекувалната а не пред микрофоните? Секако дека можеше, но како капитен и неговата јавна изјава испраќа порака. Кажува дека нема премногу хемија во српскиот табор, кога селекторот и капитенот не се на иста бранова должина. А проблемот не е само физичката (не)подготвеност на Тадиќ. Тука е формата на Милинковиќ-Савиќ (далеку од најдоброто издание), повредата на Костиќ (заврши Европското првенство за него) и тактичката структура со двајца слични напаѓачи Влаховиќ и Митровиќ. Можат ли двајцата да играат заедно е прашањето кое си го поставуваат фановите на српскиот национален тим.

Вечерва ќе го гледам главниот фаворит Франција, а таму климата не е како на последните големи натпреварувања. Кога капитенот Мбапе на прес-конференцијата пред натпреварот против Австрија зборува за политика, а не за противникот нешто не е во ред. Точно е дека личност и спортист како Мбапе има силно влијание на масата, но дали ова е местото за такви пораки? Селекторот се огради и порача дека репрезентативците се слободни да го искажат своето мислење. Говорот на телото не кажуваше дека го одобрува ставот на Мбапе, но за мир во куќата даде дипломатска изјава.

Замислете кај нас капитенот на репрезентацијата да лобира пред избори пред некој значаен натпревар. Некои работи едноставно не одат едни со други и фудбалот треба да е подалеку од политиката. Но, светот денес живее живот без правила, па така и Мбапе колку што ќе биде критикуван, ќе биде и величан. 

А колку овој „пожар“ во францускиот табор ќе влијае на настапот против Австријците ќе видиме вечерва во Дизелдорф. Австрија на Ралф Рангнинк не е за потценување. Тоа го знаат Германија и Србија кои загубија во пријателски натпревари од Сабицер, Арнаутовиќ, Лајнер...