• Зоран Мишевски

Минхен е мојата прва станица и веднаш е забележлива разлика од секој друг германски град. Срцето на Баварија е и синоним на моќта на Германија. Минхен едноставно „мириса на пари“, а полека почнува да се чувствува и мирисот на фудбалот.
Вака голем град не може три дена да пулсира само со фудбалот и со Германија и Шкотска, кои в петок ќе дебитираат на „Алијанц Арена“. Едноставно е преголем за секаде да ги видите фановите на едната и другата селекција. Шкотланѓаните полека доаѓаат и ги полнат баровите и пабовите, а германските навивачи, од каде и да се, ќе се појават на денот на натпреварот. Цените вртоглаво пораснаа, па за сите кои поседуваат билет за натпреварот важи бесплатниот 36-часовен билет за јавен превоз во секој од градовите домаќини на шампионатот. Цените на сите други нормални потреби се како и преку целата година, но искучок се цените на сместувањето. Претешко се наоѓа хотел, апартман, соба во самите градови, а и тоа што ќе се најде е со вртоглави суми (5-10 пати повеќе од вредноста).
Денес, јас и Gol.mk, имавме можност да бидеме дел од избраните медиуми кои имаа брифинг со Роберто Росети, првиот човек на судиската организација на УЕФА. Италијанецот детално објасни каде оди правецот на делење на правдата по последните збрки во клупскиот фудбал. ВАР, полуавтоматски офсајд, чип за гол-не-гол ситуации и уште многу детали беа дел од едночасовниот монолог на некогашниот судија од Торино.
Утре се очекува налет на шкотски фанови, затоплување на температурите и зголемување на конзумирањето на баварското пиво. Низ улиците е мирно, нема посебни мерки на сигурност, иако се најавуваат голем број официјални лица, волонтери, полицајци, лица од приватни обезбедувања, како првиот натпревар би минал во најдобар ред. На Европско првенство секој натпревар се организира како да е финале на Лигата на шампионите, па така не смее ништо да недостига. А иако неколку месеци не е меѓу живите, в сабота ќе пулсира духот на големиот Франц Бекенбауер. Неговата сопруга ќе излезе на стадионот и ќе го започне сеќавањето на големиот Кајзер Франц, најголемиот симбол на една од најфудбалските нации во светот.