Gol.mk на ЕП: „Ла Масија“ остави трага на Европското првенство

Gol.mk на EURO 2024

Можеби е во резултатски пад и во последните 5-6 години не е онаа Барса која навикнавме да ја гледаме, но „рудникот“ на таленти наречен „Ла Масија“ продуцира и натаму имиња кои ќе останат врежани во фудбалската историја. И ова Европско првенство тоа најдобро ни го покажува, со стилот на игра на шпанската репрезентација и костурот кој доаѓа од славниот каталонски клуб.

Луис де ла Фуенте ја усоврши популарната „тики-така“, со внесување на двајца брзи и многу вертикални фудбалери на страничните позиции, па оваа Шпанија дефинитивно изгледа покомплетно и погледливо од Шпанија во минатите години, водена од Луис Енрике, Роберто Морено, Фернандо Јеро...

Костурот на шпанската селекција се фудбалери на Барселона, изградени во „Ла Масија“. Педри, Ламин Јамал, Дани Олмо (никогаш не играл за сениорскиот тим на Барселона), Кукуреља, Фермин, Феран Торес, Грималдо поминале исто школо, исти принципи, ист систем на игра и сега најдоа селектор кој максимално верува во нив. Кон оваа група сигурно би се приклучиле Гави и Балде, кои се повредени, и Кубарси кој отпадна од поширокиот список, но по Европското првенство ќе се вратат во националниот тим.

Шпанија ги доби сите шест натпревари на патот до финалето, освои многу симпатии со стилот и скромноста и му даде поинаква димензија на еден атипичен и здодевен шампионат. Посебно импресионира реакцијата по примениот гол и лошите први дваесет минути, Во минатото Шпанија знаела да победува само со игра, само кога функционира системот, а секогаш имала проблеми да го активира планот Б. Победа на карактер, на тактика, на индивидуалци не беше дел од карактеристиките на „фуријата“. Но, голот на Ламин Јамал, кој дефинитивно ќе влезе во историјата е показател како еден индивидуален потег може да ги смени натпреварот и да му нанесе тежок удар на ривалот, од кој подоцна не се опорави.

За да се памети како генерација која донесе нешто повеќе од убав фудбал и промоција на млади фудбалери, Шпанија ќе мора да го добие неделното финале и да си обезбеди место во фудбалската историја.