• Зоран Мишевски

Шпанија супер-заслужено е европски првак, менувајќи ја тенденцијата и следејќи ги трендовите кои денес се играат ширум светот. Се прашувате како најздодевната репрезентација во краток период стана најпрогресивна и шампионска. Шпанија на Лопетеги и Јеро на Мундијалот во Русија испадна во осминафиналето од Русија по пенали, откако 120 минути не постигна гол. Се врати Луис Енрике на кормилото четири години подоцна и пак Шпанија испадна од инфериорна селекција, во споредба со себе. Мароко по изведување на пенали беше подобра од „фуријата“, откако пак Шпанија 120 минути не даде гол.
Што се промени радикално со доаѓањети на Луис де ла Фуенте, па Шпанија одеднаш игра комбинација на најголемите фудбалери сили во последната деценија: Германија, Франција, Аргентина... За волја на вистината Шпанија на Луис де ла Фуенте минатата година ја освои Лигата на нации со здодевен фудбал и пак на пенали, откако пак одигра 0-0. И така се чинеше до недоглед. Шпанците се навикнаа на „тики-така“ стилот на Барса, што заборавија дека тое е веќе предвидливо, бавно и екипите веќе имаат контра-игра. Плус со таа игра на контрола, Шпанците имаат фудбалери за врска, а не напаѓачи на крилните позиции и за нив природно е да влегуваат во средина и да создаваат густина, посед и продолжен посед. Но, со таквата игра Шпанија нема многу директни удари кон гол, а без удар нема ни гол. Вистински благодет за Луис де ла Фуенте беше што ги најде Нико Вилијамс и Ламин Јамал и што наместо фудбалери за врска на страните постави вистински странични напаѓачи. Двајцата се ултра-брзи, непредвидливи, сакаат игра „еден на еден“ и нивната игра е директна, па завршува со многу повеќе удари кон гол од претходно.
Со таквата игра на постојано пресинг во играта без топка (пресинг кој започнува од напаѓачите) Шпанија пак ја има контролата како во „тики-така“ играта, но сега почесто стигнуваше во шеснаесетникот на противникот, шутираше од далечина, комбинираше во опасната зона. Де ла Фуенте не ги штедеше офанзивните фудбалери од трчање, па не чуди што најчесто на секој натпревари ги менуваше Мората, Вилијамс и Ламал. Во овој модел на Де ла Фуенте уште задолжително е голман кој добро игра со нога и бекови кои прават баланс меѓу офанзивната и дефанзивната игра. Затоа Кукуреља повеќе му одговараше од Грималдо, а Карвахал од Педро Поро.
Перспективата на оваа моќна Шпанија е голема, посебно заради тоа што освен Карвахал, Мората и Родри, кои се во зрели години, сите останати фудбалери се млади и имаат простор за напредок. Европа виде нешто многу поинакво и помоќно од стилот со кој Португалија и Италија ги освоија последните две Европски првенства. Затоа титулата на Де ла Фуенте е нешто повеќе од титула и ќе се памети долго.