• Зоран Мишевски

Се сеќавам на финалето на Европското првенство за фудбалери до 21 година во јуни 2019 година. Бев во живо на тој натпревар во Удине, каде за титулата се бореа Шпанија на Луис де ла Фуенте и Германија на Штефан Кунц. Шпанците славеа на новата „Дачиа Арена“ со 3-0, а актери беа голем дел од истите лица кои синоќа ја елиминираа Германија во четвртфиналето на Европското првенство во Штутгарт.
Де ла Фуенте со години и со голем успех ја водеше У21 селекцијата и ги внесе голем дел од своите пулени од младата во сениорската селекција. Така на тој дуел во Италија блескнаа Дани Олмо, Ојарзабал, Фабиан Руиз, Мерино, Унаи Симон...„Кичмата“ на оваа шпанска селекција, која плени на ова Европско првенство, доаѓа од тоа У21 првенство. Така сегашната селекција беше надополнета со помладите Педри, Ламин Јамал и Нико Вилијамс и повозрасните Мората, Родри и Лапорт. Ова е процесот кој се препорачува за секоја селекција. И трпението кое треба да го имаат сите, иако кога водите голема селекција имате огромен притисок и немате предолго време.
Германија од тоа првенство го пренесе Џонатан Тах во стартниот тим, а Антон и Мителштед беа во ростерот на тоа првенство. И Германија одлично планира и ги промовира во сениорскиот тим од младите категории Мусиала и Вирц, но уште не е тоа на нивото на „фуријата“.
И ако се навратиме на натпреварот во Штутгарт, беше израмнет, можеше да заврши и на спротивната страна, со победа на Германија, но среќата ја „помилува“ помладата шпанска селекција, која првпат како фаворит од сенка сонува европска титула.