• Зоран Мишевски

Европскиот првак на колена и на мала врата излезе од првенството и од денес започна процес на анализирање на грешките и причините за катастрофалното издание. Како е можно актуелен европски првак, фудбалски систем кој доминира во младинските категории низ Европа и светот да изгледа така фудбалски бедно и неорганизирано како Италија на Спалети?
Ова е прашањето кое си ги поставуваат италијанските фудбалски љубители, експертите и критичарите. Сигурно нема дилеми околу стручноста на Лучијано Спалети, но прашање е дали е баш тој вистинскиот избор за позицијата селектор. Затоа што тренер и селектор се две различни професии, а оваа Италија во споредба со онаа која ја елиминиравме во Палермо изгледа многу послабо и како индивидуалци и како тим. Тогаш Манчини ги имаше Кјелини, Бонучи, Верати, Инсиње, Берарди, Имобиле и Белоти... Денес Спалети има во ростерот, па и во првиот тим фудбалери кои се резерви скоро цела сезона во своите клубови. Не изгледа воопшто логично Италија да го брани европското злато со Фратези или Ел Шарави, кои не играат ниту во Интер и Рома. Точно е дека да играа Политано, Скарвини, Заниоло, Локатели ќе беше подобро, но не многу подобро. Тоа не се играчи кои прават разлика, само добри тимски играчи за надополнување. Ако се иземат капитенот Донарума и „бисерот“ Калафиори, оваа Италија е целосно промашена репрезентација. Проблемот е што не е ниту истрошена, ниту стара, но е лимитирана и за жал на Италијанците, блиску до најдоброто што го имаат.
Спалети знае и апострофираше дека до успех се стигнува или со големи шампиони или со игра. Италија го немаше ни едното, ни другото. Точно е дека во минатото Италија со скромен тим знаела далеку да дотурка. Последен пример е Италија на Конте која во Франција во 2016 ги елиминира Белгија (во групната фаза) и Шпанија (во осминафиналето) со играчи како Пеле, Џакерини, Пароло, Стураро, Едер, Флоренци... Но, таа Италија имаше игра и физички делуваше беспрекорно, што не е случај со денешната Италија. Проблемите во групата со Македонија, Англија и Украина не беа случајни, а овој „удар“ веројатно ќе донесе промени.
Не очекувам дека Спалети ќе си замине, туку пореални се промени на раководството на федерацијата. Овој дебакл е контра тенденцијата на големото враќање на италијанскиот фудбал. Клубовите во последните две сезони се одлични во евро-куповите, Италија е европски првак до 17 и 19 години и светски вицешампион за фудбалери до 20 години. Додека генерациски не дојде нов бран Италија ќе има проблеми и да се квалификува за Светското првенство во 2026 година. Она што не очекував дека лесно ќе го прифатат Италијанците е неталентираноста. Бидејќи јасно е дека нема ни на повидок нови Тоти, Пирло, Дел Пјеро, Вјери, Инзаги...