Gol.mk на ЕП: Грузија како Македонија – емоцијата од првиот настап, па квалитетот на дело!

Gol.mk на EURO 2024

Грузија го имаше истиот пат до Европското првенство како и Македонија. Преку Лигата на нации ја елиминира Грција и се најде на завршниот турнир првпат во историјата. Селекторот со подолг стаж во Грузија, Вили Сањол, ги оправда очекувањата а генерацијата созреа за големи дела. Вчера во Дортмунд, Грузија се надигруваше со Турција и загуби со 3-1, што сигурно е поубедлив пораз од она што го видов на теренот.

Веднаш се сетив на нашето деби во Букурешт против Австрија и поразот исто со 3-1. Тогаш Пандев израмни во првиот дел, но замените на Австријците ѝ нанесоа многу штета на нашата одбрана и бодовите заминаа кај противникот. Грузијците имаа скоро идентичен тек на натшреварот вчера со Турција, како споменатиот наш натпревар во Букурешт. Беа импресионирани, првите дваесет минути не можеа да поврзат два паса, па почнаа да играат дури откако примија гол. Тогаш се виде дека момците на Сањол знаат да играат фудбал, знаат да се надигруваат и израмнија и имаа зицер за 2-1. Дури и реакцијата по примениот еврогол на Арда Ѓулер видовме удар во стативата и спас од гол-линијата, па со мала доза на спортска среќа вчерашниот дуел можеше да заврши нерешено.

Колку може повеќе оваа Грузија против Чешка и Португалија? Веројатно шансите им се уште помали отколку вчера, но поважно е да видиме дали Грузијците се спремни за турнирски настапи, дали можат да ја распоредат силата за најмалку три натпревари во десет дена? Токму ова е важен детаљ кој ги дели големите репрезентации од останатите. Некогаш и не е добро најдоброто издание да ви биде на стартот на турнирот, туку формата треба да расте со текот на едномесечното натпреварување.

„Капата долу“ за турските фанови, ги разбија децибелите во „Жолтиот ѕид“ во Дортмунд и покажаа обединетост и приврзаност како никогаш. Добро е да се види и селектор кој во нападот им даде шанса на двајца 18-годишници (Арда Ѓулер и Кенан Јилдиз), кои одговорија со одлични настапи. Дефинитивно Турција – Грузија беше најубавиот и најемотивниот натпревар на првенството досега. Нека биде така и на остатокот од турнирот.