Gol.mk на ЕП: Го чуваат ли уште „компасот“ балканските селекции?

Gol.mk на EURO 2024

Секоја чест на Романија и Турција, нивните први настапи и победи, но поранешните југословенски селекции, учесници на Европското првенство, уште ја чекаат првата радост. Иако Словенија има два бода, виси за пласман во осминафиналето, а само една опција (само победа) имаат пред себе Хрватска и Србија.

Што е заеднички кај сите три селекции. Можеби Словенците не се во оваа категорија, бидејќи за нив два бода од натпреварите со номинално посилни од себе (Данска и Србија) се успех, но Хрватска и Србија ни останаа должни.

Србите немаат јасна структура како играат и како ќе играат. Имаат неизбалансиран тим, збркано водство, проблеми во сите линии и не изгледаат обединето. Да не им ги одземаме шансите пред натпреварот со Данска, бидејќи српските фудбалери се најопасни кога чувствуваат спортски инает, но не „мириса“ на добро. Стојковиќ нема основен систем на игра, не функционираат заедно Влаховиќ и Митровиќ, Гудељ пред одбрана беше грешка, на страните Србија е најлоша на шампионатот. Посебно слаби се на лев бек, а го имаа Керкез (момче родено во Србија, кое играше за младите селекции), а дозволија да им го украдат Унгарците.

Хрватска се соочува со критики за лошата селекција и неносењето на храбри одлуки. Прашањето на шпанскиот новинар до Модриќ дали против Италија ќе играат млади или стари не е само провокација, туку и раскрсница од која мора излез да најде Далиќ. Модриќ на половина сила, Перишиќ со само два натпревари во 2024 година, Брозовиќ кој е друг играч откако замина во Саудиска Арабија не мора да играат по секоја цена, макар не деведесет минути. Зошто во фудбалот не е важно како се викаш и што си освоил – важно е можеш ли денес и веднаш! Дилеми има и околу системот, позицијата на Гвардиол, неиграњето на Соса...Едноставно како и во квалификациите, Хрватска нема изградени фиксни единаесет. Но, против Италија секогаш знаеле да играат, па којзнае, можеби и сега ќе се издигнат.

Словенија не е во оваа категорија на безкомпасни селекции, но мораше да го задржи водството против Србија за осминафинале. Истата приказна може да се раскаже за Албанија. Точно е дека освоија симпатии, имаат еден бод и играат рамноправно против посилни од себе (Италија и Хрватска), но на двата натпревари водеа и не го сочуваа водството. Посебно во паника влегуваа по првиот примен голм, па веднаш примаа и втор. Но, радува што покажаа карактер и се вратија против „коцкестите“. Нема да ме изненади да не помине ниту една селекција од поранешните југословенски простори, но и да поминат сите три (иако е тешко теоретски возможно да поминат и Србија и Словенија). Сепак, фудбалот секогаш имал талент на овие простори, недостига она другото – дисциплина, водство и компас!