Gol.mk на ЕП: Германските цени нормални, УЕФА продуктите двојно поскапи!

Gol.mk на EURO 2024

Една од најозборуваните теми на Европското првенство се цените во Германија, цените на официјалните продукти, на пивото и храната, на забавата... Првиот впечаток е дека ништо не се променило, дека Германците живеат најнорамално за време на шампионатот, исто како и претходно. Промената е главно околу продуктите на УЕФА, кои се со нешто повисоки цени од вообичаените.

Рестораните во Дортмунд се преполни, некои работат и подоцна од вообичаеното работно време, посебно на денот кога се играат натпревари на „Сигнал Идуна Парк“. Пивото се купува за 3,4 евра, храната исто така не е прескапа, па за 12-15 евра може да добиете ручек, а брзата храна е двојно поевтина.

Цените на сите овие работи во зоната на УЕФА (стадион, фан-зона, официјален простор, заедничко следење) се скоро двојно поскапи. Германците најмногу реагираат како цената на чаша пиво на стадион е 6,5 евра, а низ градот двојно поевтина. Но, така секогаш било и цените не ни може да се идентични на натпревар или концерт или во кафуле.

Официјалните дресови надминуваат 100 евра и се купуваат како „алва“. Култот на Германците е да носат дресови на својата селекција, често и култни и стари дресови од деведесеттите години од минатиот век. Така често низ градот ќе забележите дресови на Клинсман, Матеус, Фелер... Нешто поскапи од просекот се капчињата, поло-маичките и шаловите со логото на шампионатот.

Најголем скок бележат цените на билетите. Преку официјални страници за продажба и препродажба можете да пронајдете билет за 50-60 евра за Словачка – Украина или Шпанија – Албанија. Но, нема да најдете ниту за 400, 500 евра за осминафиналето на Германија во Дортмунд, за било кој натпревар на Турција, за натпреварите на Англија и Холандија...

Пред два дена бев на „Вестфален парк“ на заедничкото следење на натпреварот Германија – Швајцарија и присуствуваа 15.000 луѓе, а очекувањата беа дека ќе нема ни повеќе од 10.000 фанови на бундес-тимот. Само ден претходно 50.000 Турци на истото место го следеа својот национален тим, што ќе каже дека Германците потфрлиле. Во оваа зона не може да внесете пијалок и храна, па ако поминете најмалку три часа во прекрасниот парк сигурно ќе потрошите 30-50 евра. Дортмунд е прекрасен зелен град (трет најзелен град во светот) и има дури 67% зеленило низ целата своја површина. За влез во овој парк секојдневно се плаќа билет, но колективното следење на натпревари (на одредени, не на сите натпревари) е бесплатно.