• Зоран Мишевски

Кога го планираа Европското првенство, Германците ја распоредија својата селекција низ целата земја. Од дебито во Минхен, преку Штутгарт и Франкфурт во групната фаза, Дортмунд во осминафиналето, Хамбург во четвртфиналето, пак „Алијанц Арена“ во полуфиналето и „Олимпискиот стадион“ во Берлин во финалето. Тоа е планот на бундес-тимот, кој низ историјата никогаш не играл на едно место, како Англија на „Вембли“ и Шкотска на „Хемпдон парк“.
Сепак, постои еден стадион каде Германија скоро никогаш не губи. Изборот осминафиналето да почне од Дортмунд не е случаен. Легендарниот „Вестфален“, сега по името на спонзорот „Сигнал Идуна Парк“ ќе ги пречека Германија и Данска в сабота попладне. Во германската јавноста „пеколот“ во Дортмунд е најжешкиот терен во Германија. Кога игра Борусија Дортмунд, „жолтиот ѕид“ е доминантен, а уште помоќна е атмосферата кога игра Германија.
Досега четиринаесет пати Германија играла во Дортмунд на официјални натпревари и победила на тринаесет. Единствениот натпревар со неуспех е добро познатото полуфинале на Светското првенство во 2006 година против Италија, кога Липи со четири напаѓачи во продолжението дојде до победа од 2-1.
Во Дортмунд со денови се зборува за осминафиналето Германија – Данска, се бара билет повеќе (на црниот пазар цените се вртоглаво високи), а во „Вестфален парк“ се најавува групно следење на натпреварот в сабота навечер. Данските навивачи се очекува да пристигнат в петок и ќе бидат во далеку помал број, отколку домашните приврзаници.
Веројатно ќе пронајдете поубави стадиони од овој во Дортмунд, но фудбалскиот дух, акустиката и култот го прави уникатен и неслучајно најважните натпревари Германија ги игра токму на стадионот на Борусија Дортмунд.