Gol.mk на ЕП: Десет години не загубиле, има ли јунак кој ќе ги победи Французите?

Gol.mk на EURO 2024

Француската фудбалска репрезентација без дилема е најголемата фудбалска сила во 21. век, со две светски титули во последните триесет години, со уште две загубени финалиња на пенали, со европска круна и триумф во Лигата на нации и уште многу други успеси во младинските категории. Влијанието на француските фудбалери во клупскиот фудбал е исто така големо, па во овој период недостига само уште еден голем успех на клупскиот фудбал, пример една европска титула на скапиот ПСЖ.

На ова Европско првенство Дешамп добива големи критики за начинот на кој играат „галските петли“. Претпазливиот фудбал, без естетика и без доза на ризик ја доведе Франција да игра на „нула“ и да се потпира на своите индивидуалци. Но, до овој момент индивидуалците во нападот не блескаат, а оние во одбраната и голманот Мањан се на нивото кое од нив се очекува. Но, и покрај критиките, Франција е селекција против која никој не сака да игра и која никој во деведесет минути не ја победил на големите турнири цели десет години!

Губеле во квалификации и на пријателски натпревари (и тоа многу ретко), но кога ќе дојдат на Европско или Светско првенство, Французите се најнезгоден противник за секој ривал. Последен пат загубија во четвртфиналето на Светското првенство во Бразил во 2014 година од Германија, за која погоди Хумелс со глава. Оттогаш дојде Дешамп и Франција загуби само трипати и тоа на продолженија или пенали на Европско и Светско првенство. Едер го постигна единствениот гол во продолжението од финалето на Европското првенство во 2016 година, а Швајцарците ги елиминираа Мбапе и другарите во осминафиналето на Европското првенство 2020 година. Пеналите беа кобни за момците на Дешамп и во финалето на последното Светско првенство. Во меѓувреме со Дешамп на клупата Франција го освои Мундијалот во Русија во 2018 година и Лигата на нации во 2022 година. Посебно импресивна е серијата на Канте, кој никогаш не загубил со Франција на големо натпреварување, а одигра дваесет натпревари.

Иако Шпанија игра допадливо, има многу млади фудбалери кои блеснаа на ова првенство, сепак никој не е комотен кога игра против Франција. И момците на Де ла Фуенте мора да се намачат за да ги победат, а на ова првенство и да им дадат гол, бидејќи Франција прими само еден гол и тоа од пенал на пет натпревари во Германија.