• Зоран Мишевски

Деновиве разговарав со неколку новинари од Англија, кои го следат националниот тим и одблиску ги знаат тајните на соблекувалната на Саутгејт. Скоро сите немаат технички причини за бледите издание, туку повеќе карактеријални и ментални лимити. Со фразата „уште не го знаеме рецептот за успех“ кажано е што требаше да се каже.
На првите три натпревари Англија играше тврдо и предвидливо, не ризикуваше премногу (прими само еден гол), но креативно воопшто не се истакна и двата гола кои ги постигна се индивидуално дело на Белингем и Кејн, кои се ѕвезди на националниот тим. Главниот проблем на Саутгејт е позицијата во средниот ред до Деклан Рајс. Во улога на организатор на играта не одговорија Александер-Арнолд и Галахер, а селекторот не го гледа Белингем дваесет метри поназад, за да го менува системот на игра. Вториот голем проблем е малото учество на бековите и одбранбените играчи во организацијата на играта и нападите. Дури и најактивен е Трипие, кој е десничар на позиција на лев бек, но учествува во играта во напад, изведува прекини...
Звучи чудно некористењето повеќе на Кол Палмер, неповикувањата на Грилиш, Рашфорд, Медисон, Санчо, а којзнае и каква е климата во соблекувалната по серијата критики.
Англија ја чекаат најмногу четири финалиња за да го исправат она што го имаа така блиску до 2021 година на „Вембли“. Тогаш беа подобар ривал од Италија во финалето, но не го решија прашањето на победникот и покрај водството од самиот почеток и беа казнети во пенал-рулетот.
Кој е рецептот за титула на големо натпреварување? Го знае ли Саутгејт? Има многу прашања на кои одговорите ги очекува цела англиска јавност. Првото е името на осминафиналниот противник, а потоа и промените во тимот кои се најавени за неделното осминафинале. Само тој кој победувал знае кој е рецептот, а Англичаните го бараат половина век.