Gol.mk на ЕП: Албанската страст за фудбалот на дело, Дортмунд не памети ваква инвазија!

Gol.mk на EURO 2024

Веќе два дена Европското првенство е главна преокупација на жителите на континент и радува што веќе се наговестува ефикасно првенство, со многу голови, со убави потези, со забава за гледачите. Досега постигнати се 16 гола на четири натпревари, што е над сите очекувања.

Големо и пријатно изненадување е можеби нагласената приврзаност на албанските фанови во Дортмунд. Германските колеги, добри познавачи на материјата, велат дека не паметат ваква „инвазија“ на Дортмунд, дури и кога играат најдобрите европски клубови. Во срцето на големата италијанска заедница во Рурската област, албанските фанови беа големо мнозинство, го обоија стадионот во националните бои, а многу од нив останаа и без билети, па го следеа натпреварот во фан-зоната или низ пабовите во Дортмунд. Сега им следи преселба во северниот Хамбург, каде ги чека дуел со Хрватска, уште една заедница која има многу фанови во Германија.

На теренот Албанија внесе многу срце и ентузијазам, но загуби од доза на неискуство и веројатно од послабиот квалитет од актуелниот европски првак. Нам ни останува жал што на теренот одлично се претставија неколку фудбалери родени во Македонија, кои можеа да играат и за нашиот национален тим.

Попладнево одам во Гелзенкирхен за дуелот на Англија и Србија, две големи навивачки групи и натпревар кој со нетрпение се чека во Германија, пред се заради Англичаните како еден од најголемите фаворити. Ривалството меѓу Дортмунд и Шалке веднаш се чувствува, па од Дортмунд ме советуваа дека Гелзенкирхен е ужасен град, но со убав стадион. А Шалке е збратимен со нашиот Вардар и кубури во слични проблеми како скопјани во последните години. Клуб на Мутибариќ, кратко на Ибраими и на Чурлинов, клуб со „кралско сини“ бои и за жал со второлигашка реалност. А каде на друго место ќе најдете првенство со десет стадион, по пет на прволигашки и второлигашки екипи. Келн, Фортуна Дизелдорф, Шалке 04, Херта и Хамбургер играат во втората Бунедслига, а нивните стадиони се преполни на Европското првенство. Некои работи може да ги видите само во Германија.