• Зоран Мишевски
Gol.mk и поранешниот македонски репрезентативец и селектор, Бобан Бабунски, започнуваат нов проект. Отстапуваме внимание и простор на деталната анализа на нашиот експерт посветена на македонскиот фудбалот и патот до врвот на македонскиот играч. Чувствуваме дека ова е моментот да се испрати порака дека македонскиот фудбал не е мртов и дека потребен е импулс за нов почеток.
Македонскио пат до елитниот играч — 3 дел
ДЕЛ 3 — ПАНЧЕВ → ПАНДЕВ → ЕЛМАС
Три епохи. Три различни патишта до европската елита.
Во Дел 2 ги анализиравме бројките. Видовме дека едно е да стигнеш до една од петте најсилни европски лиги, а сосема друго е таму да играш, да добиваш минути, да станеш стандарден и долгорочно да се етаблираш.
Но бројките не ни кажуваат како е создаден играчот. За тоа мора да ја следиме неговата кариера. Каде се развивал? Кога влегол во сениорски фудбал? Колку играл? Кога заминал? Кој бил вистинскиот следен чекор? И каде се случил клучниот дел од неговиот развој?
Затоа сега ќе анализираме три големи македонски кариери од три различни фудбалски епохи:
ДАРКО ПАНЧЕВ → ГОРАН ПАНДЕВ → ЕЛИФ ЕЛМАС
Не за да ги рангираме. Не за да одлучиме кој пат е „најдобар“. Туку за да разбереме:
КАКО ТРИ РАЗЛИЧНИ ПАТИШТА СТИГНАЛЕ ДО ЕВРОПСКАТА ЕЛИТА?
1. ДАРКО ПАНЧЕВ — ПРВО СТАНА ЕЛИТЕН, ПА ПОТОА ОТИДЕ ВО ТОП-5
Патот на Дарко Панчев е исклучително важен затоа што не одговара на денешната претстава дека најголемиот талент мора што порано да замине во западноевропска академија за да стане елитен играч. Неговиот развоен пат изгледал поинаку:
ВАРДАР → ЦРВЕНА ЗВЕЗДА → ЕВРОПСКИ ВРВ → ИНТЕР
Панчев се развива во Вардар и многу млад влегува во сениорскиот фудбал. Дебитира за првиот тим уште во сезоната 1982/83, на 17-годишна возраст. Веќе во следната сезона, 1983/84, со само 18 години и 8 месеци станува најдобар стрелец во Првата југословенска лига со 19 првенствени гола.
Тоа е исклучително важен развоен момент. На возраст на која денес многу играчи сè уште се разгледуваат како младински фудбалери, Панчев веќе игра против искусни сениорски противници и произведува мерлив резултат во највисокото национално натпреварување. Добива натпревари, минути и одговорност, постигнува голови и постепено од талент станува докажан сениорски фудбалер.
НЕ БИЛ САМО ТАЛЕНТ. НЕ БИЛ САМО ПОТЕНЦИЈАЛ. ВЕЌЕ ПРОИЗВЕДУВАЛ РЕЗУЛТАТ ВО СЕНИОРСКИ ФУДБАЛ.
Овој пример покажува една фундаментална развојна вистина: возраста не го одредува автоматски развојното ниво. Кога играчот е подготвен за сениорски фудбал, вистинскиот натпревар може да стане една од најсилните развојни средини.
2. ЦРВЕНА ЗВЕЗДА НЕ БИЛА САМО МОСТ КОН ЕЛИТАТА
Во 1988 година Панчев преминува од Вардар во Црвена звезда. Но тука мора да внимаваме таа епоха да не ја анализираме исклучиво со денешната трансферна логика. Панчев не оди во Црвена звезда само за клубот да биде преодна станица од која подоцна ќе биде продаден во една од најсилните западноевропски лиги.
ЦРВЕНА ЗВЕЗДА САМАТА СТИГНУВА ДО ЕВРОПСКИОТ ВРВ.
Во сезоната 1990/91 Црвена звезда го освојува Купот на европските шампиони. Во финалето во Бари против Олимпик Марсеј, по 0:0, победникот се решава со изведување пенали. Панчев го реализира последниот, решавачки пенал за победа од 5:3 и Црвена звезда станува европски шампион.
Панчев не е само член на тој состав. Тој е еден од клучните офанзивни играчи на европскиот шампион. Во истата сезона 1990/91 постигнува 34 гола во југословенското првенство. Со тие 34 гола го остварува најдобриот првенствен голгетерски резултат во Европа и ја заслужува европската „Златна копачка“ за таа сезона. Неговата улога во европскиот поход е исто така значајна — УЕФА наведува дека постигнувал голови во секоја елиминациска рунда на патот кон финалето.
Истата 1991 година Црвена звезда го освојува и Интерконтиненталниот куп, победувајќи го Коло-Коло, а Панчев повторно е стрелец.
Тоа значи дека пред воопшто да стане играч на Интер, Панчев веќе бил најдобар стрелец во југословенската лига, репрезентативец на Југославија, учесник на Светското првенство во 1990 година, европски клупски шампион, победник на Интерконтиненталниот куп и најдобар првенствен стрелец во Европа со 34 гола.
Затоа неговата кариера ни покажува нешто исклучително важно:
ЕЛИТНОТО НИВО НЕ СЕКОГАШ ЗАПОЧНУВА СО ТРАНСФЕРОТ ВО ТОП-5.
Во случајот на Панчев, елитното достигнување дошло пред трансферот во Топ-5. Тој не заминува во Интер за таму првпат да стане елитен играч. Во Интер пристигнува како веќе оформен напаѓач кој претходно стигнал до европскиот клупски врв. Во летото 1992 година Панчев преминува во Интер и станува првиот Македонец кој настапил во италијанската Серија А.
3. ТОГАШ ЗОШТО ПАНЧЕВ ИМА САМО 43 НАСТАПИ ВО ТОП-5?
Токму тука ја гледаме границата на статистиката ако ја користиме без историски и развоен контекст. Официјалната статистика на Интер покажува дека Панчев има 19 првенствени настапи и 3 гола во Серија А.
Но Италија не е единствената Топ-5 лига во која настапувал. Во германската Бундеслига Панчев има 10 настапи за ВфБ Лајпциг во сезоната 1993/94 и 14 настапи за Фортуна Дизелдорф во сезоната 1995/96. Тоа се вкупно 24 настапи во Бундеслигата.
19 СЕРИЈА А + 24 БУНДЕСЛИГА = 43 НАСТАПИ ВО ТОП-5 ЛИГИТЕ.
Бројката е точна, но нејзиното толкување е уште поважно. Ако некој ја погледне кариерата на Панчев само преку бројката од 43 настапи во Топ-5, може да добие погрешна претстава за неговото реално елитно достигнување. Голем дел од неговиот фудбалски врв се случил пред трансферот во Топ-5.
Пред Интер, Панчев веќе бил европски шампион, победник на Интерконтиненталниот куп, репрезентативец и учесник на Светско првенство. Веќе постигнал 34 првенствени гола во една сезона и бил најдобар првенствен стрелец во Европа.
НАСТАПИТЕ ВО ТОП-5 НЕ ГО МЕРАТ ЦЕЛОКУПНИОТ КВАЛИТЕТ ИЛИ ВРВНОТО ДОСТИГНУВАЊЕ НА ИГРАЧОТ. ТИЕ МЕРАТ КОЛКУ ДОЛГО ИГРАЧОТ УСПЕАЛ ДА ИГРА И ДА СЕ ЕТАБЛИРА ВО ТИЕ ПЕТ ПРВЕНСТВА.
Тоа е суштинската методолошка разлика:
ЕЛИТНО ДОСТИГНУВАЊЕ ≠ ДОЛГОРОЧНА ЕТАБЛИРАНОСТ ВО ТОП-5.
Панчев постигнал исклучително високо елитно достигнување пред да влезе во Топ-5, но неговата долгорочна етаблираност во Топ-5 останува ограничена на 43 првенствени настапи. Затоа не е доволно да прашаме само колку натпревари има еден играч во Топ-5. Треба да прашаме и каде се развивал, на која возраст влегол во сениорски фудбал, колку играл, каква улога имал, каков резултат произведувал, какво ниво достигнал и колку долго успеал да го задржи тоа ниво.
Патот на Панчев затоа може да се прочита вака:
ВАРДАР → РАН СЕНИОРСКИ ФУДБАЛ → НАЈДОБАР СТРЕЛЕЦ НА 18 ГОДИНИ → ЦРВЕНА ЗВЕЗДА → 34 ГОЛА → ЕВРОПСКИ ШАМПИОН → ИНТЕРКОНТИНЕНТАЛЕН ПОБЕДНИК → ИНТЕР → ТОП-5
И токму тука е најголемата лекција:
ПАНЧЕВ НЕ ОТИДЕ ВО ТОП-5 ЗА ДА СТАНЕ ЕЛИТЕН. ТОЈ ВЛЕЗЕ ВО ТОП-5 ОТКАКО ВЕЌЕ ГО ДОПРЕ ЕВРОПСКИОТ ВРВ.
Затоа неговите 43 настапи во Топ-5 и неговото елитно фудбалско достигнување не смеат да се третираат како иста мерка. Тоа се две различни категории: елитно достигнување и долгорочна етаблираност во Топ-5.
4. ГОРАН ПАНДЕВ — СОСЕМА ДРУГ ПАТ
Дваесетина години подоцна, патот е поинаков:
БЕЛАСИЦА → ИНТЕР → СПЕЦИЈА → АНКОНА → ЛАЦИО → ИНТЕР → НАПОЛИ → ГАЛАТАСАРАЈ → ЏЕНОВА → ПАРМА
Пандев заминува од Македонија многу млад. По настапите за Беласица, Интер го препознава неговиот потенцијал и го доведува во својата структура. Но неговиот развој не се случува така што веднаш станува стандарден првотимец на Интер.
Следува период во кој големиот клуб ја отвора вратата, но натпреварувачкиот развој мора да продолжи на друго место. Прво следува Специја, каде Пандев игра во Серија Ц1, а потоа Анкона, каде во сезоната 2003/04 го прави својот прв вистински чекор во Серија А. Дури потоа следува Лацио.
Тука се појавува една многу важна развојна лекција:
ПРВИОТ ГОЛЕМ КЛУБ НЕ МОРА ДА БИДЕ МЕСТОТО КАДЕ ШТО ИГРАЧОТ ЌЕ СЕ ЕТАБЛИРА.
Понекогаш големиот клуб ја отвора вратата, но за потенцијалот да стане реална вредност, играчот мора да игра, да добива минути, да презема одговорност и да поминува низ реални натпреварувачки ситуации. Затоа развојната патека не треба да се оценува само според престижот на клубот, туку според тоа што конкретната средина му овозможува на играчот да стане.
5. ЛАЦИО — КАДЕ ТАЛЕНТОТ СТАНУВА ЕТАБЛИРАН ИГРАЧ
Во 2004 година Пандев преминува во Лацио. Токму таму се случува нешто суштинско: добива минути, улога, одговорност, континуитет и години натпреварување во Серија А.
Пред враќањето во Интер неговиот биланс за Лацио во Серија А е:
159 НАСТАПИ И 48 ГОЛА.
Тоа веќе не е само талент или потенцијал. Тоа е играч кој во континуитет се докажал во една од петте најсилни европски лиги.
ТОА Е ЕТАБЛИРАН ИГРАЧ ВО ТОП-5.
Со Лацио, Пандев го освојува и Купот на Италија во сезоната 2008/09, а во тоа натпреварување е најдобар стрелец со 6 гола. Така развојната траекторија добива сосема поинаква форма.
Кога во јануари 2010 година, на 26-годишна возраст, повторно станува играч на Интер, Пандев не се враќа како истиот млад играч што претходно пристигнал во клубот. Зад себе веќе има години натпреварување и 159 настапи во Серија А за Лацио. Се враќа како оформен и докажан играч.
ПОТЕНЦИЈАЛОТ ГО ОТВОРА ПАТОТ. МИНУТИТЕ ГО ГРАДАТ ИГРАЧОТ. КОНТИНУИТЕТОТ ГО ЕТАБЛИРА.
6. ПАНДЕВ СЕ ВРАЌА ВО ИНТЕР — ОВОЈПАТ ПОДГОТВЕН ЗА ВРВОТ
Во јануари 2010 година Горан Пандев се враќа во Интер, но овојпат ситуацијата е сосема поинаква. Тој повеќе не е млад потенцијал кој треба да биде испратен на друго место за да добива натпреварувачки минути. Сега е подготвен да има улога на највисокото европско ниво.
Во сезоната 2009/10 Пандев станува дел од историскиот Интер на Жозе Мурињо, кој ги освојува Серија А, Купот на Италија и Лигата на шампионите — историската тројна круна.
Пандев не е само формален член на составот. Во таа полусезона запишува 19 настапи и 3 гола во Серија А, настапува во Лигата на шампионите и игра 79 минути во финалето против Баерн Минхен, во кое Интер победува со 2:0 и станува европски шампион.
Развојниот пат може да се прочита вака:
РАНО ЗАМИНУВАЊЕ → ПРИСПОСОБУВАЊЕ → ПОЗАЈМИЦИ → МЕСТО КАДЕ ШТО ЌЕ ИГРА → МИНУТИ → ОДГОВОРНОСТ → КОНТИНУИТЕТ → ЕТАБЛИРАЊЕ ВО СЕРИЈА А → ВРАЌАЊЕ ВО ГОЛЕМ КЛУБ → ЕВРОПСКИ ВРВ
Пандев со Интер подоцна освојува уште трофеи, меѓу кои и Светското клупско првенство на ФИФА во 2010 година, каде постигнува гол во финалето против ТП Мазембе. Вкупно, по враќањето во Интер, освојува шест трофеи: една Серија А, два Купа на Италија, еден Суперкуп на Италија, една Лига на шампионите и едно Светско клупско првенство.
Но кариерата не завршува со достигнувањето на европскиот врв. Следува Наполи, прво на позајмица од Интер, а потоа како постојан трансфер. Потоа следува Галатасарај во Турција. Во 2015 година Пандев се враќа во Серија А со Џенова, каде останува до 2022 година, а на крајот од кариерата има и краток период во Парма во Серија Б.
Конечниот биланс во Серија А е извонреден:
493 НАСТАПИ И 101 ГОЛ ВО СЕРИЈА А.
Тие 493 настапи се распределени на Анкона — 20, Лацио — 159, Интер — 46, Наполи — 92 и Џенова — 176. Вкупно: 493.
Тоа не е само доказ дека еден играч стигнал до елитата. Тоа е доказ дека успеал да остане во неа со години. Тука мора да направиме разлика меѓу пристап до елитата и долгорочна етаблираност во елитата.
Еден трансфер може да му даде на играчот пристап до голем клуб, но само годините, натпреварите, минутите, улогата, перформансите и континуитетот покажуваат дали тој навистина станал елитен играч.
Патот на Пандев затоа треба да се чита како развоен процес:
БЕЛАСИЦА → ПРЕПОЗНАЕН ПОТЕНЦИЈАЛ → ИНТЕР → СПЕЦИЈА → АНКОНА → ЛАЦИО → 159 НАТПРЕВАРИ ВО СЕРИЈА А → ВРАЌАЊЕ ВО ИНТЕР → ТРОЈНА КРУНА → ДОЛГОРОЧНА КАРИЕРА ВО ЕЛИТАТА → 493 НАТПРЕВАРИ / 101 ГОЛ ВО СЕРИЈА А
И токму затоа примерот на Горан Пандев ни дава една од најсилните пораки за развојот:
НЕ Е НАЈВАЖНО КОЛКУ РАНО ЌЕ СТИГНЕШ ДО ГОЛЕМ КЛУБ. ВАЖНО Е ДАЛИ ПАТОТ ЌЕ ТИ ОВОЗМОЖИ ДА СТАНЕШ ИГРАЧ ЗА ТОЈ КЛУБ.
Конечната мерка не е трансферот, фотографијата со дресот или потписот. Конечната мерка е дали играчот игра, се развива, се етаблира и колку долго може да остане на елитно ниво.
493 НАТПРЕВАРИ + 101 ГОЛ ВО СЕРИЈА А = ДОЛГОРОЧНА ЕТАБЛИРАНОСТ.
7. ЕЛИФ ЕЛМАС — ТРЕТА ЕПОХА, ТРЕТ ПАТ
Со Елиф Елмас влегуваме во современиот фудбал. Неговиот пат повторно е различен:
МАКЕДОНСКА ФУДБАЛСКА ОСНОВА → РАБОТНИЧКИ → ФЕНЕРБАХЧЕ → НАПОЛИ → РБ ЛАЈПЦИГ → ТОРИНО → НАПОЛИ → АТАЛАНТА
Елмас дебитира во сениорскиот фудбал за Работнички на само 16 години. Пред да замине од Македонија, веќе има 44 настапи и 7 гола во Првата македонска фудбалска лига.
Ова е исклучително важен развоен податок. На таа возраст можел да биде разгледуван само како младински играч. Наместо тоа, добил контакт со сениорски противници, физички дуели, резултатски притисок, одговорност и вистински натпреварувачки минути.
Тоа нè води до еден од фундаменталните принципи на развојот:
ВОЗРАСНАТА КАТЕГОРИЈА НЕ Е ИСТО ШТО И РАЗВОЈНОТО НИВО.
Кога играчот е подготвен за поголем предизвик, развојната средина мора да има способност да го препознае тоа и да му понуди повисоко ниво на стимулација. Развојот не треба да биде ограничен само од датумот на раѓање, туку треба да биде воден и од:
СПОСОБНОСТ → ПОДГОТВЕНОСТ → ПРЕДИЗВИК → НАТПРЕВАРУВАЧКА ИЗЛОЖЕНОСТ
8. ФЕНЕРБАХЧЕ — РАЗВОЕН МОСТ
Следниот чекор не е веднаш Топ-5. Тоа е Фенербахче — посилна странска средина, поголем клуб, поголем притисок, европски натпревари, нова култура и нова конкуренција.
Елмас пристигнува во Фенербахче во 2017 година, а две сезони подоцна следува трансферот во Наполи. Токму затоа Фенербахче можеме да го анализираме како развоен мост меѓу македонскиот сениорски фудбал и една од петте најсилни европски лиги.
Но важно е правилно да го разбереме зборот „мост“.
МОСТ НЕ Е ДРЖАВА. МОСТ НЕ Е ИМЕ НА КЛУБ. МОСТ Е ФУНКЦИЈА.
Следната средина треба да му овозможи на конкретниот играч да се подготви за барањата на следното ниво. За еден играч тоа може да биде Турција, за друг Холандија, за трет Австрија, Белгија или Хрватска, а за некој исклучителен талент тоа може да биде и директен премин во клуб од Топ-5 лигите.
Затоа не постои една универзална трансферна патека. Не е важна само етикетата на лигата и не е доволно само името на клубот.
ВАЖНО Е ШТО ТАА СРЕДИНА МУ ОВОЗМОЖУВА НА ИГРАЧОТ.
Дали игра? Дали се натпреварува? Дали е под поголем притисок? Дали мора побрзо да мисли и да одлучува? Дали секојдневно се соочува со подобри играчи? Дали неговата улога и одговорност растат? Ако одговорот е да, тогаш средината ја исполнува својата развојна функција.
9. НАПОЛИ — ВЛЕЗ ВО ТОП-5
Во летото 2019 година Елмас преминува во Наполи. Тука започнува неговиот период во една од петте најсилни европски лиги.
Но повторно:
ПОТПИСОТ НЕ Е КРАЈ НА РАЗВОЈОТ.
Да стигнеш до елитната средина не значи автоматски дека си се етаблирал во неа. Следуваат години на приспособување, конкуренција за место, различни позиции, различни тренери, различни тактички барања и борба за натпреварувачки минути.
Потоа доаѓа сезоната 2022/23. Наполи станува шампион на Италија, а Елмас е дел од шампионскиот состав. Во таа сезона запишува 36 настапи и 6 гола во Серија А.
Тоа е важна развојна граница. Повеќе не зборуваме само за млад талент кој успеал да потпише за голем европски клуб. Зборуваме за играч кој реално учествува во шампионска сезона во една од петте најсилни европски лиги.
ДА СТИГНЕШ ДО ЕЛИТАТА ≠ ДА ФУНКЦИОНИРАШ ВО ЕЛИТАТА.
10. РБ ЛАЈПЦИГ — ГОЛЕМ ТРАНСФЕР НЕ ЗНАЧИ АВТОМАТСКИ ПОГОЛЕМА УЛОГА
Во јануари 2024 година Елмас преминува од Наполи во РБ Лајпциг. На хартија тоа значи голем клуб, Бундеслига, високо европско ниво и нова можност.
Но развојната анализа не смее да заврши со името на клубот или со вредноста на трансферот. Мора да продолжи со многу поважни прашања: Колку игра? Колку минути добива? Колку натпревари започнува од првата минута? Каква улога има? Дали му се зголемува одговорноста? Дали неговата натпреварувачка изложеност расте или се намалува?
Токму тука се појавува уште еден фундаментален принцип:
ПОГОЛЕМ ТРАНСФЕР ≠ ПОГОЛЕМА УЛОГА.
Кариерата не се мери само преку логото на дресот.
НЕ МЕРИ КАДЕ ПОТПИШАЛ. МЕРИ КАДЕ ИГРА, КОЛКУ ИГРА, КАКВА УЛОГА ИМА И ДАЛИ НАПРЕДУВА.
Еден трансфер може да биде чекор нагоре според репутацијата на клубот, а истовремено чекор назад според натпреварувачката изложеност на играчот. Токму затоа секоја одлука во елитната кариера мора да се анализира преку односот:
НИВО НА КЛУБОТ × УЛОГА × МИНУТИ × СТИЛСКА КОМПАТИБИЛНОСТ × ДОВЕРБА × КОНТИНУИТЕТ
11. ТОРИНО → НАПОЛИ → АТАЛАНТА
По периодот во Лајпциг следуваат нови промени на средината. Во јануари 2025 година Елмас преминува во Торино на позајмица и во Серија А запишува 13 настапи и 4 гола. Во септември 2025 година повторно се враќа во Наполи, исто така на позајмица од РБ Лајпциг, а во август 2026 година преминува во Аталанта, на позајмица од РБ Лајпциг со право на откуп.
Ова ни покажува уште нешто важно за разбирањето на развојот на елитниот играч: кариерата не се развива секогаш во права линија.
Не изгледа секогаш вака:
ПОДОБАР КЛУБ → УШТЕ ПОДОБАР КЛУБ → УШТЕ ПОДОБАР КЛУБ
Реалната кариера може да изгледа поинаку:
РАЗВОЈ → ПРОБИВ → ЕТАБЛИРАЊЕ → ВРВ → НАМАЛЕНА УЛОГА → НОВА СРЕДИНА → НОВА МОЖНОСТ → ПОВТОРНО ПОЗИЦИОНИРАЊЕ
Понекогаш играчот мора повторно да бара минути, улога, доверба, континуитет, тактичка компатибилност и средина во која неговите квалитети повторно ќе дојдат до израз.
Затоа трансферот сам по себе не смее да биде главната единица за мерење на кариерата. Главната единица е реалната натпреварувачка вредност на играчот во средината во која се наоѓа.
И тука Елмас има една суштинска разлика во однос на историските примери на Дарко Панчев и Горан Пандев: неговата кариера сè уште трае. Затоа неговиот конечен развоен исход сè уште не може да биде оценет.
Можеме да го анализираме патот до оваа точка. Можеме да ги измериме настапите, минутите, улогите, клубовите, лигите и трофеите. Но не можеме да ја прогласиме приказната за завршена.
Случајот на Елмас ја потврдува централната развојна порака:
ТАЛЕНТОТ ГО ОТВОРА ПЃАТОТ. СРЕДИНАТА ГО ЗАБРЗУВА ИЛИ ЗАБАВУВА РАЗВОЈОТ. МИНУТИТЕ ГО ПРЕТВОРААТ ПОТЕНЦИЈАЛОТ ВО ИСКУСТВО. ВИСТИНСКАТА УЛОГА ГО ПРЕТВОРА ИСКУСТВОТО ВО ВРЕДНОСТ.
И затоа:
НЕ МЕРИ КАДЕ ПОТПИШАЛ — МЕРИ КАДЕ ИГРА. НЕ МЕРИ САМО КАДЕ ИГРА — МЕРИ КОЛКУ ИГРА, КАКВА УЛОГА ИМА И ДАЛИ НАПРЕДУВА.
12. ТРИ ЕПОХИ — ТРИ МОДЕЛИ
Сега можеме да ги поставиме трите патишта еден до друг.
ПАНЧЕВ: ДОМАШЕН РАЗВОЈ → СЕНИОРСКА ДОМИНАЦИЈА → ЦРВЕНА ЗВЕЗДА → ЕВРОПСКИ ВРВ → ТОП-5. Прво станува европски елитен играч. Потоа оди во Топ-5.
ПАНДЕВ: РАНО ЗАМИНУВАЊЕ → ПРИСПОСОБУВАЊЕ → ПОЗАЈМИЦИ → МИНУТИ → ЛАЦИО → ЕТАБЛИРАЊЕ → ИНТЕР → ЕВРОПСКИ ВРВ → ДОЛГОТРАЈНОСТ. Првиот голем трансфер не го завршува развојот. Вистинските минути го продолжуваат.
ЕЛМАС: ДОМАШНА ОСНОВА → РАН СЕНИОРСКИ ФУДБАЛ → ФЕНЕРБАХЧЕ КАКО РАЗВОЕН МОСТ → НАПОЛИ → ТОП-5 → ШАМПИОН НА ИТАЛИЈА → ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА КАРИЕРАТА. Современ комбиниран пат.
13. ШТО ИМ Е ЗАЕДНИЧКО?
Трите кариери се премногу различни за од нив да создадеме една универзална формула. Но можеме да препознаеме заеднички развојни обрасци.
Во сите три случаи играчот во важен момент од развојот добива вистински фудбал. Не само тренинг. Не само статус на талент. Не само договор. Туку натпревари, противник, одговорност, грешки, последици, притисок, одлуки и минути.
Затоа:
ТРЕНИНГОТ ГО ПОДГОТВУВА ИГРАЧОТ. НАТПРЕВАРОТ ГО ПРОВЕРУВА И ГО ГРАДИ ПОД РЕАЛЕН ПРИТИСОК.
14. СЛЕДНИОТ ЧЕКОР МОРА ДА ИМА ФУНКЦИЈА
Кај Панчев следниот чекор е Црвена звезда. Кај Пандев развојниот пат минува преку Специја и Анкона пред Лацио да му даде долгорочна улога во Серија А. Кај Елмас Фенербахче ја исполнува функцијата на меѓународен развоен чекор пред Наполи.
Оттука произлегува важен принцип:
СЛЕДНИОТ КЛУБ НЕ МОРА ДА БИДЕ НАЈГОЛЕМОТО ИМЕ. ТРЕБА ДА БИДЕ НАЈДОБРАТА СЛЕДНА РАЗВОЈНА СРЕДИНА ЗА КОНКРЕТНИОТ ИГРАЧ.
Треба да прашаме: Што ќе му овозможи? Минути? Посилна конкуренција? Поголема одговорност? Приспособување? Напредок? Подготовка за следното ниво?
15. ШТО НЕ СМЕЕМЕ ДА ЗАКЛУЧИМЕ
Од три кариери не можеме научно да докажеме дека постои една формула за сите македонски играчи. Не значи дека секое дете мора многу рано да дебитира, секој талент мора на иста возраст да замине во странство, секој играч мора да има позајмици или секој мора да помине низ „мост“ пред Топ-5.
Ова се три студии на случај. Тие не ни даваат универзален закон, но ни даваат многу важни прашања што можеме да ги проверуваме на поголем број играчи.
16. ШТО МОЖЕМЕ ДА НАУЧИМЕ?
ОД ПАНЧЕВ: Не мора талентот што е можно порано да го испратиме во странство ако домашната средина може да му понуди доволно силна конкуренција, сениорски минути и простор за развој.
ОД ПАНДЕВ: Првиот голем трансфер не е крај на развојот. ПОТПИСОТ ЈА ОТВОРА ВРАТАТА. МИНУТИТЕ ГО ПРОДОЛЖУВААТ РАЗВОЈОТ.
ОД ЕЛМАС: Раниот сениорски фудбал, комбиниран со правилно избран следен развоен чекор, може да го подготви играчот за Топ-5.
ОД СИТЕ ТРОЈЦА: НЕ ГО МЕРИМЕ ТАЛЕНТОТ СПОРЕД ТОА КОЈ ГО КУПИЛ. ГО МЕРИМЕ РАЗВОЈОТ СПОРЕД ТОА ШТО СТАНАЛ ИГРАЧОТ.
КЛУЧЕН ЗАКЛУЧОК НА ДЕЛ 3
Панчев, Пандев и Елмас не покажуваат дека постои еден единствен македонски пат до европската елита. Напротив:
ПАТИШТАТА МОЖАТ ДА БИДАТ РАЗЛИЧНИ.
Но во овие три кариери постојано се појавуваат неколку важни развојни елементи:
ТАЛЕНТ → КВАЛИТЕТНА РАЗВОЈНА СРЕДИНА → НАВРЕМЕНА СЕНИОРСКА ОДГОВОРНОСТ → РЕАЛНИ НАТПРЕВАРУВАЧКИ МИНУТИ → ПОСИЛНА КОНКУРЕНЦИЈА → ПРАВИЛЕН СЛЕДЕН ЧЕКОР → ПРИСПОСОБУВАЊЕ → КОНТИНУИТЕТ → ЕЛИТНО НИВО
Ова не е математичка формула. Не е рецепт. Тоа е развојна логика што треба понатаму да ја испитуваме.
И токму тука се отвора следното големо прашање. Панчев можел да остане во својата фудбалска средина до зрелата фаза од развојот и сепак да стигне до самиот европски врв.
ЗОШТО?
Што имала таа средина? Каква била конкуренцијата? Како се создавале играчите? Што било навистина добро? Што денес го романтизираме? И што од тоа може да се земе, модернизира и примени денес?
Тоа нè носи до:
ДЕЛ 4 — ШТО НАВИСТИНА БЕШЕ „ЗЛАТНАТА ЈУ ШКОЛА“?
