Запознајте ја Моника Пижевска - првата Македонка која се заљуби во хокејот

Хокејот на мраз не е меѓу најопуларните спортови во Македонија како што тоа е случај во Шведска, Финска, САД или Канада. Условите за тренинг се минимални, а досега, низ лизгалишата во нашата земја сме гледале само машки тимови и имаме машка репрезентација. Но, има и голем љубител на овој спорт и меѓу девојките...

Моника Пижевска, која има 20 години, е единствената девојка од нашата земја која сака и знае да игра хокеј. Поради тоа, таа се најде во фокусот на Интернационалната федерација за хокеј на мраз (ИИХФ), која во соработка со Македонската хокејарска федерација ја покани да биде дел од хокеј-камп за девојки и едукација на тренери. Во меѓувреме, во интервју, Моника ја раскажа својата приказна за љубовта кон овој спорт.

„Се бавам со лизгање уште од мојата втора година. Но, не тренирав хокеј се до мојата 14 година затоа што немавме шанса каде да го правиме тоа во нашата земја. Имавме едно лизгалиште кое работеше само два или максимум до три месеци. Научив да лизгам сама, а мојот татко, кој исто така сака хокеј и уметничко лизгање, ме учеше како да изведувам потези, или, пак, да лизгам наназад. Така научив да уживам во овој спорт“, вели Пижевска.

Потоа, Македонката која има освојувано златни медали во уметничко лизгање, раскажа за своето прво сериозно искуство на мразот, како и за незгодната повреда со која се здобила поради пад.

„Кога имав 14 години дознав дека постои школо за уметничко лизгање и за хокеј, па се запишав. Прво вежбав уметничко лизгање. Беше интересно, но две години вежбавме на вештачки мраз. И покрај тоа, ги научивме основните работи. Две години подоцна, добивме лизгалиште со вистински мраз и бев врзана со овој спорт се до мојата 18 година, кога ја скршив ногата. Морав да прекинам одредено време, но и покрај повредата по неколку месеци се вратив на мразот. Моите тренери не ми даваа големо внимание затоа што сметаа дека за мене приказната за мене на мразот е завршена поради скршеницата. Мислеа дека никогаш ништо нема да биде исто. Почнав многу да се нервирам, затоа што тоа не е вистински начин да тренираш некого“

По несреќната повреда, Пижевска решила да се насочи кон хокејот. Љупчо Тануровски, кој е дел од хокејарската федарација на Македонија, ја забележал дека лизга премногу брзо и дека има профил на играч каков што му бил потребен во тој момент. Го запрашал нејзиниот татко дали Моника сака да игра хокеј, а таа веднаш го прифатила тоа. Првиот тренинг Моника го имала со Дмитри Прокудин.

„Прифатив, но се беше различно. Потребни ми беа нови лизгалки. Два месеци тренирав со обични лизгалки и паѓав премногу. Но, ги научив основните потези и правила. Иако бев единственото девојче меѓу момчињата, ми беше забавно. Мојот тим е машки клуб кој игра натпревари со ривали кои доаѓаат надвор од границите. Некогаш имаме натпревари со тимови од Канада и од Турција. Би сакала еден ден да играм хокеј-натпревар со девојки, за да можам да откријам кои се моите вистински способности, какви ми се квалитетите, која позиција знам најдобро да ја играм... Досега, сум играла само со деца и со машки. Сигурно искуството со девојки е друго“, открива таа.

Покрај што го сака хокејот, таа во слободно време чита книги, вежба, сака да слуша музика, готви, ги сака коњите, а исто така учи и странски јазици. Покрај Англиски јазик и околните јазици од екс-ју просторите, таа учи и Шведски.

Хокејот во Македонија се реактивира и расте во изминатите неколку години. Веќе почнаа да се играат и турнири во нашата земја во организација на ХК Металург, а имаме и репрезентација, која лани играше пријателски мечеви со БиХ во Сараево и го доби еден од нив. Паралелно со хокејот на мраз, се вежба и ИНЛАЈН хокеј, односно хокеј на ролерки.

„За жал, интересот за хокеј кај девојките во Македонија не е голем. На пример во уметничкото лизгање имаме стотици девојчиња, додека во хокејот се само неколку млади девојчиња кои сакаат да спортуваат. Ќе мора да ги подобриме условите на терените, за да го развиеме овој спорт и родителите да почнат да ги праќаат децата да играат хокеј“, заврши таа.

По специјалната покана која ја доби од ИИХФ, Пижевска имаше шанса во Финска да проба како изгледа вистинскиот хокеј. За првпат во историјата, Македонија имаше девојка на семинарот за обука натренери. Досега нема одиграно меч со девојки, но тоа останува нејзина голема желба за во иднина. 

Македонската хокејарска федерација во наредниот период ќе работи на популаризација на хокејот меѓу девојките, со надеж дека во иднина нашата држава ќе добие компетитивна екипа со припаднички на понежниот пол.