Тасев: Мразот го сакаат многумина, ама најголема болка ни е хокеј-арената

Gol.mk ексклузивно интервју

Зимата дојде во Македонија, а со тоа се означи старт на новата хокеј сезона во нашата земја. Овој спорт е интересен за младите, полека се работи на негова масовност и афирмација на мапата на спортови во нашата земја, во интервју за Gol.mk открива претседателот на македонската хокеј-федерација, Никола Тасев.

Деби-настан со кој се крена завесата на новата сезона беше „Скопје Ајс Фестивал“, каде учество зедоа четири екипи, а првото место го освои Торпедо Букурешт од Романија. Тасев е задоволен од организацијата со оглед на тоа што се работи за прв настан, а во иднина цел ќе биде на овој турнир да играат што повеќе македонски екипи.

„Задоволни сме како мина организацијата на „Скопје Ајс Фестивал“ затоа што тоа е почеток на хокејарската сезона во Македонија. Со оглед на тоа што немаме сала, сезоната овде трае само три месеци. На турнирот играа странски екипи, а за првпат имаше настап и на нашите јуниори. Имавме две наши екипи, а нашата интенција во иднина ќе биде што повеќе македонски претставници да играат на овој турнир, секако, со исто така повеќе странски гости“, вели Тасев.

За да има повеќе масовност, во тек е програма за поголема масовност кај хокеарската заедница, низ која овој спорт се промовира во средните школи и сите што сакаат да бидат дел од него, добиваат шанса истото да го направат бесплатно.

„Од лани почнавме програм за поголема масовност кај хокеарската заедница. Ние сме „доцни почетници“, што се вели. Работиме со неколку средни школи, каде се има специјална програма. Тоа значи дека сите што сакаат да лизгаат, ние им овозможуваме бесплатно да доаѓаат на тренинзи и целта ни е на крајот од сезоната да направиме две или повеќе екипи од тие играчи, за потоа да направиме и еден турнир. Со овој потег сакаме да ја зголемиме заедницата, да имаме што е можно повеќе играчи, повеќе клубови и поголема масовност кога се работи за хокејот“, додава претседателот.

Најголем проблем на Македонија кога се работи за хокејот е немањето на затворена арена, кадешто љубителите на овој спорт може да работат по зимата.

„Секоја година го имаме истиот проблем, на крај на ноември, односно почеток на декември имаме голем интерес. Како одминува сезоната, бројот на хокеари се зголемува. Врвот го достигнуваме на крајот на март, ама тогаш прекинува сезоната. Имавме една пауза од седум месеци во која ништо не се случува со лизгањето и секој пат од ноември почнуваме од ново. Многу од тие деца што имале интерес за хокеј, го губат во тие седум месеци и си наоѓаат друг спорт. Затоа ни е важно да имаме една затворена сала, за да не почнуваме секој пат одново. Секоја година го слушаме истото, дека може да има нова арена, или да се затвори лизгалиштето во Борис Трајковски, но повторно нема ништо“, дециден е Тасев.

Нашите национални тимови ги чекаат активности во наредните два месеци, кои ќе играат на развојни турнири.

„Развојниот турнир за нас треба да биде во февруари или март оваа година. Оваа година за првпат имаме девојчиња. Целта ни е да имаме еден женски клуб на крајот на оваа сезона којшто би бил основа за женска хокеарска репрезентација во иднина, кога ќе добиеме хокеј арена, за да може да играме на официјалните првенства, не само на развојни турнири“, вели тој.

За разлика од претходно, Македонија нема да има свои претставници во инлајн-натпреварувањата (хокеј на ролерки н.з), затоа што овој спорт е изваден од календарот на светската хокеј федерација.

„Инлајнот како спорт од минатата година е изваден од светската хокеарска федерација и нема веќе да се организираат турнири, затоа што инлајнот како спорт остана во друга федерација, тоа е ФИРС, федерација за лизгачки спортови. Под хокеј на мраз, нема да има инлајн и нема да се натпреваруваме на тоа поле“, e изјавата на претседателот.

Федерацијата доби „ваучери“ од Агенцијата за Млади и Спорт (АМС), но тешко е истите да се искористат, поради краткото траење на сезоната.

„Со ваучерите е проблемот што 120.000 денари немаме каде да ги искористиме на некој начин. Ние и првиот ваучер што го добивме во првата половина од оваа година, не гo искорситивме и немаме каде да гo искористиме, токму затоа што фирмите коишто би го прифатиле тој ваучер, би барале нешто за возврат, за да има каде да се претстават. Се е врзано со немање на хокеј арена и тоа ги скратува сите можности за развој на хокејот и тоа не само за тој спорт, туку и на другите зимски спортови поврзани со мраз, кои тешко се развиваат кога немаш соодветна арена за повеќе од три месеци“, открива Тасев.

Желба на претседателот за наредниот период е да се добие таа долго посакувана хокеј-арена, која претсавува главна болка на македонскиот хокеј и воопшто сите спортови врзани со мразот.

„Се надевам дека во наредниот период конечно или ќе се дооформи арената пред „Борис Трајковски“, да се постават трибини, да се затвори истата, за да можеме да функционираме како што треба, или ќе се почне со изградба. Ние сме подготвени со репрезентацијата веднаш да настапуваме во квалификации за ЗОИ или за Светски првенства. Ама, мора да го исполниме главниот услов пред светската федерација“, заврши првиот човек на македонскиот хокеј.

Разговара: Мартин Танасковски
Фото: Филип Вирановски