„Отидовме во Германија со броени пари и по некој сендвич, а се вративме со злато!“

Големиот успех на хокеарската репрезентација на Македонија на развојниот Куп е водечка спортска вест во нашата држава. Нашите хокеари на доминантен начин, со пет победи од исто толку натпревари, го освоија овој Куп, на кого право на учество имаа сите селекции кои немаат затворена хокеј арена. 

Пред Македонија паднаа селекциите на Португалија, Андора и Ирска, а по финалето против Португалците, се огласи првиот човек на Хокеарската федерација на Македонија, Никола Тасев, кој не го криеше задоволството од големиот успех, но испрати и порака. 

Светско првенство во хокеј за држави без хокеј арена или официјално IIHF Development Cup.  ГО ОСВОИВМЕ!!! 

Со пет победи во пет натпревари. Докажавме дека хокејот не е мал и непросперитетен спорт во Македонија, напротив, има иднина ама нема услови. 

Десет години се мачевме со претходната власт да се убедуваме дека хокеј арена е неопходна за развој на 5 зимски олимписки спортови. Не успеавме. Речиси две години од оваа влада исто така абер нема да се направи нешто на ова поле. Во ред е да имаме пет монтажни лизгалишта низ цела држава, но сакаме ХОКЕЈ АРЕНА!!!

15 години се мачиме да го дигнеме хокејот, 15 години со сопствени средства го одржуваме овој спорт, 15 години чекаме на хокеј арена!
НИ ТРЕБА ХОКЕЈ АРЕНА под итно, НИ ТРЕБА ХОКЕЈ АРЕНА која не чини повеќе од еден лав или ограда на мост, САКАМЕ ХОКЕЈ АРЕНА.

Кога гледам како на глупости се трошат народни пари ми доаѓа да врискам се погласно секој ден: САКАМЕ ХОКЕЈ АРЕНА!!!

Голема благодарност до хокејарите, до стручниот штаб, до пријателите на хокејот....овој успех е заеднички. Отидовме во Германија на првенство со броени пари, за пат, за спиење и по некој сендвич, се вративме златни со пехар, со покажување на пркос дека можеме да успееме и кога немаме услови и кога никој не верува во нас.

ХОКЕЈОТ ИМА ИДНИНА ВО МАКЕДОНИЈА - НИ ТРЕБА АРЕНА!!!

Нашата репрезентација во финалето на овој турнир, кој се играше во Фисен, Германија со убедливи 9-2 ја совладаа Португалија и испишаа нова страница во македонската хокеарска историја.