Словенецот Јеглиќ падна на допинг тест, има 24 часа да го напушти Пјонгчанг

Словенечкиот хокеар, Жига Јеглиќ бил позитивен на недозволени супстанци, поради што е суспендиран од Зимските олимписки игри (ЗОИ), соопштија од Судот за спортска арбитража.

Јеглиќ бил позитивен на фенотерол и ја прифати одлуката дека мора да го напушти Пјонгчанг во рок од 24 часа. Фенотеролот се користи за проширување на дишните патишта и главно го користат оние кои имаат проблем со астма.

Словенија се пласира во осминафиналето на олимпискиот турнор, а во моментов го игра дуелот против Норвешка за пласман во четвртфиналето. Доколку се пласираат меѓу осумте најдобри, таму ги чека репрезентацијата на Олимписки спортисти од Русија.