„Скопје ајс фестивал“: Металург домаќин на ривали од Романија, Бугарија и Србија

Хокеарскиот клуб Металург ќе биде домаќин на традиционалниот турнир „Скопје ајс фестивал“, на кој оваа година учество ќе земат четири екипи.

Металург ќе биде единствен македонски претставник, а на турнирот кој ќе се игра на лизгалиштето при СЦ „Борис Трајковски“ ќе учествуваат уште Торпедо Букурешт (Романија), Спартак Суботица (Србија) и Славија Софија (Бугарија).

Турнирот ќе се отвори в петок од 18:30 часот со меч меѓу Металург и Торпедо, додека од 20:00 часот ќе се соочат Спартак Суботица и Славија Софија. В сабота ќе играат Софија и Букурешт (9:00 часот), односно Спартак Суботица и Металург (10:30 часот), додека последниот ден ќе биде в недела и на мегдан ќе одат Торпедо и Спартак Суботица (9:00 часот), како и Металург и Славија Софија (10:30 часот).

Лански освојувач на турнирот „Скопје ајс фестивал“ е германски Рајман.