Подолски менува спорт, поради ветување ќе заигра хокеј!?

Некогашната ѕвезда на германскиот фудбал, Лукас Подолски, моментално е член на турски Анталијаспор, но привремено ќе се активира во друг спорт.

Најавите од Германија се дека поранешниот репрезентативец на „панцерите“ ќе заигра хокеј на мраз. Некогашниот шампион во Бундеслигата ветил дека ако се продадат 100.000 виртуелни билети за да се обезбедат финансиски средства за хокеарскиот клуб Келн за да се спречи банкрот, ќе се најде на мразот.

Со својата популарност Полди успеал да ги привлече љубителите на овој спорт да купат билети, па сега мора да го исполни ветеното и да одигра една средба.

Подолски има 35 години, а во кариерата покрај за Анталија играше и за Висел Кобе, Галатасарај, Интер, Арсенал, Келн и Баерн Минхен. Со репрезентацијата на Германија стана светски првак во 2014 година.