Почнува седмото издание на „Скопје Ајс Фестивал“

Од утре до недела на лизгалиштето во А1 Арена при СЦ „Борис Трајковски“ ќе се одржи седмото издание на традиционалниот турнир во хокеј на мраз „Скопје Ајс Фестивал“.

Хокеарите на ХК Вардар-Скопје нема да се единствени македонски претставници, на турнирот за првпат ќе земе учество тимот „Македонија јуниори“ - селекција составена од младински играчи.

Учество ќе земат уште и екипите на Торпедо Букурешт (Романија) и меѓународниот тим, „Тим Интернешнл“. Во неговиот состав ќе се најдат играчи од цела Европа, како и од Северна Америка, кои се љубители на хокејот и воедно сакат да го посетат нашиот главен град. Играчите беа повикани преку јавен повик, и така за првпат на турнирот ќе учествува екипа која е создадена од играчи од различни држави и континенти, додека екипата на Торпедо од Букурешт веќе трета година по ред гостува на Скопје Ајс Фестивал.

Традиционалниот турнир се отвора на 13 декември 2019 година со почеток од 18:30 часот, а ќе го отворат екипите на Македонија Јуниори и Интернешнл, по што во 20:30 часот, силите ќе ги одмерат тимовите на Вардар и Торпедо.

В сабота тимовите на Македонија и Букурешт ќе го започнат овој натпреварувачки ден (8:30) и веднаш потоа тимовите на Вардар со Интернешнл ќе ги одмерат силите (10:30). Третото коло ќе се игра исто така в сабота, од 15:30 часот со натпреварот Букурешт против Интернешнл и во 17:30 часот со дуелот меѓу домаќините Македонија и Вардар ќе се финишира пласманот за финалните натпревари кои ќе се одржат ден подоцна, в недела на 16 декември. Со натпреварите за трето место во 8:30 часот и финалниот натпревар во 10:30 часот се затвора седмото издание на Скопје Ајс Фестивал.