НХЛ-лигата доби нов владетел и уникатен тренер-првак

Каролина Хурикејнс е новиот шампион во Националната хокеарска лига (НХЛ), откако ја освои втората титула во својата историја и повторно се искачи на врвот на најсилната хокеарска лига во светот.

„Ураганите“ ја затворија финалната серија против Лас Вегас Голден Најтс со 4-2 во победи, а шампионскиот печат го ставија со убедлив триумф од 3-0 на гостински терен во шестиот натпревар од серијата. Со тоа Каролина повторно го подигна престижниот Куп „Стенли“, првпат по дваесет години, откако претходно триумфираше во 2006 година.

Патот до титулата беше особено импресивен ако се знае дека Хурикејнс имаа негатива од 1-2 во серијата, но потоа врзаа три последователни победи и го комплетираа пресвртот за големо славје.

Освојувањето на трофејот донесе и посебен историски момент за тренерот Род Бриндамур. Легендата на франшизата стана еден од ретките луѓе во историјата на хокејот кои успеале да го освојат Купот „Стенли“ со истиот клуб и како играч и како тренер.

Бриндамур беше капитен на Каролина кога клубот ја освои првата титула во 2006 година, а две децении подоцна го предводеше тимот и од тренерската клупа до нов шампионски успех.