• Горан Упале

Во големото хокеарско дерби на Зимските олимписки игри во Пекинг, селекцијата на Сoединетите Американски Држави извојува значајна победа на најлутиот ривал Канада, во рамки од второто коло од групата А, со резултат од 4-2 (2-1, 1-1, 1-0).
Канаѓаните со голот на Мет Робинсон поведоа по само 84 секунди игра, но одговорот дојде само една минута подоцна. Енди Миле им донесе израмнување на Американците, а Бен Мејерс во 19. минута и првата предност.
Во втората третина падна по еден гол на двете стрени. Прво Брендан Брисон со својот втор погодок на турнирот зголеми на 3-1, а Корбан Најт намали на 3-2. Сè беше решено во седмата минута од последната третина кога Кен Агостино погоди за конечни 4-2. Одлична партија имаше и голманот на САД, Штраус Ман, кој имаше 35 одбрани.
Така Американците ја запишаа втората победа во исто толку натпревари, бидејќи на стартот беа подобри од Кина (8-0). Победа над Германија в недела би им ја донела лидерската позиција во групата и прв носител во нокаут фазата.