Македонските хокеари со прва историска победа: Лесно преслушана Бугарија! (ВИДЕО)

Македонската хокеј инлајн репрезентација во петтите квалификации за СП, дојде до првата победа, откако во австриски Штеиндорф беше совладана Бугарија со резултат од 11-5 во четвртини со (3-0, 4-3, 3-0, 1-2). Нашите репрезентативци одиграа одличен натпревар, доминирајќи од самиот почеток, па се до финишот на мечот, и на крајот славеа заслужено и повеќе од убедливо.

Избраниците на селекторот Внук добро го започнаа натпреварот, па така преку Прокудни во 4. минута поведовме со 1-0, а до крајот на воведната четвртина дадовме уште два гола преку контранапад за предност од 3-0. Фуриозната игра на „оклопниците“ продолжи и во втората четвртина, па така поведовме и со +5 (6-1), за да на полувреме заминеме со резултат од 7-2.

Стартот на второто полувреме повторно и припадна на Македонија, откако третата четвртина ја добивме со резултат од 3-0, за водство воочи последниот период од +7 (10-3). Последниот дел беше само рутина, па така на крајот славевме убедливо со резултат од 11-5.

Веќе утре Македонија го игра вториот дуел и тоа клучен за првото место во групата и шанса за место на СП во Братислава, против селекцијата на домаќинот Австрија. Групната фаза од квалификациите ќе ја заокружиме со мечот против Србија на 24 јуни.