Лизгалиштето во Кале доделено на Федерацијата за лизгачки спортови

Популарното скопско лизгалиште под Кале, во следните 30 години ќе го управуваа Федерацијата за лизгачки спортови. Во соопштението до медиуми на ФЛС, се вели дека вчера во просториите на Јавно претпријатие за стопанисување со спортски објекти е потпишан договор за долготраен закуп.

Договорот се наведува во соопштението бил потпишан од страна на директорот на Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти, Шпенди Хајредини и Цветанка Макаровски, претседателка ФЛС.

Со овој договор, како што потенцираат од ФЛС, лизгалиштето Кале, кое со години беше оставено на забот на времето, од денес ќе биде во функција на спортистите, рекреативците и сите љубители на лизгањето.

Директорот Хајредин потенцираше дека враќање на објектите на националните спортски федерации се клучни со цел да се овозможи поголем развој и афирмација на лизгањето и со тоа да се исполнат заложбите на Владата – објектите да се вратат на спортистите и на граѓаните.

Заедничката визија и заложби на владините претставници и спортските работници се дека со ставање во функција на лизгалиштето ќе се создадат услови за поголем развој и омасовување на овој спорт, а федерацијата ќе продолжи да работи во интерес на спортистите. Воедно на ФЛС и беше доделен спортски ваучер што ќе се користи за унапредување и афирмација на работата на Лизгачката федерација.