Канада конечно симната од тронот, хокеарките на САД по 20 години „златни“ на едни ЗОИ

Со големото дерби на Северна Америка заврши хокеарскиот турнир во женска конкуренција на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг. Во борбата за златниот медал се бореа убедливо двете најдобри селекции на овој турнир, а со престижниот медал се закити селекцијата на САД, која по пенал-серијата славеше над хокеарките на Канада. 

Регуларниот дел од мечот ни донесе доста возбудувања и израмнета игра. САД први поведоа со 1-0, но Канаѓанките со два брзи гола во втората третина дојдоа до водство од 2-1. Сепак, Американките во финишот од мечот со голот на Ламору обезбедија продолженија, кои завршија без постигнат гол. Така победникот мораше да биде решен по изведувањето на пеналите во кои повеќе среќа имаше САД и заслужено по пауза од 16 години ги симнаа од тронот Канаѓанките. 

Овој златен медал на женската хокеарска репрезентација на САД е прв по 20 години, а во тој период тотална доминација имаше Канада, која триумфираше на игрите од Солт Лејк Сити во 2002 година до последните во Сочи пред четири години.