• Зоран Мишевски
За жал спортот не може без политика, па една одлука која нема никаква врска со спортот, денес ја потресе Белорусија. Оваа земја нема да биде домаќин на Светски шампионат во хокеј на мраз за мажи, кој требаше да се одржи оваа година. Белорускиот претседател Александар Лукашенко ги искористи безбедносните сили на земјата за насилно угнетување на демонстрантите по неговата спорна изборна победа во август минатата година и според Светската организација во хокеј на мраз (ИИХФ), безбедноста е главната причина за оваа одлука.
Одлуката за преместување на турнирот од Белорусија ја поздрави лидерот на опозицијата Светлана Тихановска.
„Ова е многу мудар чекор – да ги поддржиме човековите права и фер спортот, а не да соработуваме со режимот во Белорусија“, напиша таа на Твитер.
Шампионатот во хокеј на мраз требаше да се одржи во Минск и Рига од 21 мај. ИИХФ ќе одлучи дали ќе продолжи со главниот град на Летонија како единствен домаќин.