Холандија посреќна по пеналите: „Лалињата“ слават олимписко злато во хокеј (ВИДЕО)

Хокеарите од Холандија го освоија златниот олимписки медал во Париз, откако во финалето ја совладаа Германија (1-1, 3-1 по пенали). Натпреварот заврши 1-1, откако Холандија поведе во 46. минута со голот на Тиери Бринкман, а Тиес Принц израмни во 50. минута. Прашањето за победникот на крајот беше решено со удари од пенали, а Холанѓаните победија со 3-1.

Ова е трето олимписко злато за Холанѓаните по 1996 и 2000 година.

Третото место го зазедоа индиските хокеари, кои ја победија Шпанија со 2-1. Шпанија поведе со голот на Марко Миралес во 18. минута, но Индија направи пресврт со двата гола на капитенот Харманпрет Синг (30, 33 минута). Оваа победа на индискиот тим му го донесе вториот бронзен медал по ред.

Индија некогаш беше доминантна сила во овој спорт, за што сведочат осум олимписки златни медали, вклучувајќи шест по ред од 1928 до 1956 година.