Хокеарите на Металург немоќни против домаќинот Спартак

Хокеарскиот тим на Металург со пораз ги отвори настапите на третиот турнир во регионалната хокеј лига, откако во Суботица загуби од домаќинот Спартак со 12-6 (5-2, 0-1 и 7-3).

Составот на Металург во натпреварот влезе анемично, па така играчите на Спартак тоа на најдобар може начин го искористија, поведуваќи со 3-0 веќе во воведните минути. Во продолжението на првиот период македонскиот првак заигра нешто подобро, па до крајот на периодот постигна два погодоци преку Внук и Анастасов, но овој период му припадна на домашниот тим со резултат од 5-2.

Втората третина од мечот помина во знакот на Металург, чии играчи испратија канонада од шутови кон голот на противникот. Сепак единствен кој успеа да го совлада противничкиот голман беше Децковски, со чиј погодок го добивме овој период со минимални 1-0.

Иако последниот период „пиратите" го започнаа со брз примен гол, сепак со вториот гол на Децковски на денешниот меч, и оној на Бановиќ, се доближија на само гол негатива (6-5). Кога се чинеше дека Металург фаќа комплетен приклучок во мечот, нешто навидум како на отварањето, сега во финишот на средбата се случи нов голем пад во играта. Суботичани со серија од 6-0 ја заверија конечната победа од 12-6, а стрелец на последниот гол за македонскиот клуб беше Мијушковиќ.

Веќе утре Металург го игра и вториот натпревар во Суботица, каде што за противник го има тимот на Славија Софија. Мечот започнува во 16.00 часот.