Германија го шокира шампионот Канада и ќе игра за хокеарското злато на ЗОИ

Хокеарската репрезентација на Германија приреди големо изненадување на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пјонгчанг, откако во полуфиналето со 4-3 (1-0) славеше над актуелниот првак Канада и се пласира во мечот за златниот медал каде чека Русија.

Канаѓаните важеа за фаворити на хартија поради нивната историја во овој спорт, но на терен комплетно потфрлија и дозволија Германија да ги изненади. „Панцерите“ го отворија мечот одлично, во првиот период имаа предност од 1-0 поради голот на Мачек, додека во вторите 20 минути, успеаја да додадат уште два гола во противничката мрежа, преку Плахта и Мауер, за висока предност од 3-0. 

Канаѓаните успеаја да се вратат преку Бруле (3-1), но Хегер постигна четврти гол за Германија и повторно ја врати високата предност. Во последниот период, Робинсон и Рој повторно ги вратија Канаѓаните на еден гол негатива, но тоа беше се што успеа да направи фаворитот на овој меч.

За Германија ова е прво финале на едни Зимски олимписки игри. Воедно, ова е и прва победа за европската селекција над Канаѓаните во меѓусебните пресметки, во кои скорот досега беше 0-12.

Во големото финале Германија ќе се сретне со Русија, која претходно ја победи Чешка со 3-0, додека Канада во дуел со Чешка ќе се бори за бронза.