Договорено продолжување на НХЛ лигата, ќе се игра без публика цело лето

Американско-канадската професионална лига во хокеј на мраз, НХЛ лигата планира продолжување на сезоната на крајот на летото. Се очекува лигата да продолжи со натпревари без присуство на публика, само да ја заврши прекинатата сезона, регуларниот тек и плеј-офот. 

Деновиве, раководството на лигата ќе се собере за да разговара за опциите за обновување на сезоната. Останаа повеќе од три недели за натпревари во редовна сезона, а потоа и разигрувањето. Враќањето на професионалците во САД и Канада од своите земји може да биде сериозен проблем, поради откажаниот авионски сообраќај низ целиот свет.

НХЛ лигата побара од екипите да ги подготват своите арени за летните месеци, кога генерално сезоната е прекината. Со овој план на продолжување на сезоната, ќе бидат спасени ТВ договорите и клубовите ќе добијат средства од ТВ правата.