• Мартин Танасковски
Хокејската легенда Јаромир Јагр повторно ја воодушеви спортската јавност со својата посветеност и неверојатна долговечност во професионалниот спорт. И покрај тоа што има 53 години и 244 дена, славниот чешки ас повторно се најде на мразот, започнувајќи ја својата 38-ма професионална сезона во дресот на својот матичен клуб, Кладно Најтс.
Во дуелот против Витковице, Кладно забележа победа од 3-1, а Јагр настапи како дел од четвртата поставa, со нешто повеќе од десет минути на мразот. Иако не беше меѓу стрелците, навивачите го поздравија стоечки, препознавајќи дека сведочат на уште едно поглавје во кариерата на еден од најголемите хокејари во историјата.
Јагр ја започна својата професионална кариера токму во Кладно уште на 16-годишна возраст, а по долги години во НХЛ, се врати во својот роден град во 2018 година, по крајот на ангажманот во Калгари Флејмс.
Денес има двојна улога – тој е и сопственик и активен играч на клубот, што е речиси незапаметено во модерниот спорт. Најславните моменти во неговата кариера се поврзани со дресот на Питсбург Пингвинс, со кои освои две последователни титули во 1991 и 1992 година.