„Вудс не е супермен, треба да бидеме среќни што е жив“

По сообраќајната несреќа во која Тајгер Вудс се здоби со сериозни повреди, од неговиот табор потврдија дека на легендарниот голфер му беше извршена комплицирана операција на левата нога, која заврши успешно.

По повод несреќата и повредите што ги претрпе Вудс, се огласи и Рори Мекилрој, кој предупреди дека не е време да се шпекулира за враќањето на Тајгер во спортот.

„Тој не е супермен, тој е човечко суштество. Дури и без ова, тој помина низ многу тешки работи и секој треба да биде благодарен што е жив, што неговите деца не го загубија својот татко, а не да зборуваме за тоа дали и кога ќе му се врати на голфот“, рече Мекилрој.

Според медиумите од САД, најголема заслуга за тоа што Вудс не се здоби со многу посериозни повреди има луксузниот џип Хјундаи со кого излета од патот.