• Иван Димовски

Најдобриот голф играч на сите времиња, Тајгер Вудс синоќа доживеа тешка сообраќајна несреќа во Лос Анџелес, по која беше пренесен во болница и, иако е надвор од животна опасност, има неколку фрактури.
Вудс загубил контрола, продолжил во погрешна насока на патот и излетал од него, по што автомобилот се превртел. Локалниот шериф кој беше на местото на несреќата, изнесе неколку клучни моменти кои му го спасиле животот на Вудс.
Прво и најважно е што во моментите кога тој одлетал во спротивна насока, немало автомобили кои се движат кон него, бидејќи така шансата за потешка несреќа е многу поголема. Втор важен момент бил фактот дека Вудс го користел својот сигурносен појас, а тој е тесно поврзан со третиот. Бидејќи вози модерен Хјундаи Генесис ГВ80, појасот при ударот ги активирал безбедносните воздушни перничиња, кои многу помогнале.
Вудс го чека долг период на заздравување, бидејќи има неколку фрактури на ногата, како и потрес на мозокот. Сепак, тој мора да биде среќен што не се наоѓа во животна опасност.