• Саше Љолес
Саудиските корпорации и огромни компании имаат скоро бесконечен буџет за многу инвестиции и веќе со години вложуваат многу во разни спортови, пред сѐ во фудбалот, но најновите информации велат дека не штедат пари ни кога се работи за голфот, кој се смета за „елитен спорт“ во светот.
Веќе неколку години се инвестира во градење на најмодерни голф-терени и комплекси, а неретко професионалните голфери добиваат големи средства за учество и промоција на настани кои се одржуваат во Саудиска Арабија. Таков е и последниот случај со 29-годишниот Џон Рам, кој ќе потпиште астрономски договор со вредност помеѓу 300 и 500 милиони долари!
Се работи за тригодишна соработка која на голферот ќе му донесе далеку поголема заработка од било кое друго натпреварување или од познатиот американски „ПГА Тур“, а Рам ќе мора да биде дел од саудиски тим кој ќе настапува ширум светот и ќе работи како амбасадор на овој спорт. Таканаречениот „Лив Тур“ е идеја на еден саудиски инвестициски фонд, кој исто така стои позади финансирањето на англискиот клуб Њукасл и уште неколку важни спортски субјекти во светот.
Со потписот за „Лив Тур“, Џон Рам автоматски станува еден од најплатените спортисти на светот и најверојатно ќе заработува минимум по 100 милиони долари во следните три години, плус дополнителни бонуси и хонорари за промоција на спортот ширум азискиот континент. Познатиот голфер воедно ќе има задача и да го промовира турнирот помеѓу своите славни колеги, кои Саудијците постепно сакаат да ги привлечат во своето натпреварување.