Ѓоковиќ се проба во нов спорт: „Едно од најубавите чувства во спортот“

Додека најдобрите светски тенисери се на азиска турнеја, Новак Ѓоковиќ одмара. Победникот на три Грен слем турнири сезонава неодамна имаше можност да ги тестира своите вештини во друг спорт, голфот, на егзибициониот дел од Рајдер Купот во Рим.

Познато е дека голфот е голема страст на неговиот најголем ривал во кариерата, Шпанецот Рафаел Надал, кој често е виден со палка за голф во рацете. Ѓоковиќ ѝ покажа на римската публика дека и тој е навистина добар, а во изјавата за „Скај Спорт“ рече дека сè било навистина одлично.

„Атмосферата беше магична. Многу луѓе претходно ми зборуваа за Рајдер Купот, но не очекував дека ќе биде вака. Тоа е едно од најубавите чувства што сум ги имал во спортот“, призна Новак.

Србинот ќе има многу можности да ги вежба своите голф вештини оваа есен, со оглед на тоа што нема да настапи на тениски турнир до самиот крај на сезоната.