Руските и белоруските гимнастичари се враќаат на меѓународните натпреварувања

Меѓународната гимнастичарска асоцијација објави дека руските и белоруските спортисти повторно ќе можат да настапуваат на сите натпреварувања кои се организираат „под капата“ на Светската гимнастичка федерација (ФИГ). 

И Интернационалниот олимписки комитет даде вакви насоки неодамна, а дозволата за настап ќе се однесува само на оние гимнастичари за кои е потврдено дека не учествувале во никакви воени дејствија. 

Забраната беше официјално соопштена бргу после почетокот на руската воена инвазија на Украина, но сега конечно спортистите одново ќе имаат можност да се натпреваруваат и да се борат за трофеи и медали. Претседателот на Светската гимнастичка федерација, Моринари Ватанабе, изјави дека руските и белоруските спортисти ќе можат да настапуваат само под неутрално знаме, односно да не се истакнуваат државните симболи на Русија и Белорусија. 

„Испраќаме важна и силна порака. Сакаме да им дозволиме право за настап на руските и белоруските спортисти. Сите заедно испраќаме колективна порака за прекин на војната и мир во регионот“, стои во краткото соопштение од претседателот на Светската гимнастичка федерација. 

Забраната ќе остане само за оние гимнастичари кои имале било каква поврзаност со војната во Украина, но такви скоро и да не постојат, така што, овие спортисти повторно ќе имаат можност да ги покажат своите квалитети на меѓународните натпреварувања.