• Зоран Мишевски
Легендарната американска гимнастичарка Симон Бајлс се враќа во омилениот спорт. Поминаа две години откако реши да паузира поради проблеми со менталното здравје и таа е подготвена за официјалните натпревари. Одлуката ја донесе по Олимписките игри во Токио, па сега се пријави за УС Класик, квалификациски натпревар за националните првенства што ќе се одржи во август.
Бајлс и уште три американски гимнастичарки пред две години пред правната комисија на сенатот сведочеа за сексуалната злоупотреба што ја доживеале, а која ја извршил поранешниот лекар на американската репрезентација Лери Насар. Страшната тајна се појави на површина и покрена безброј прашања. Бајлс и Ели Рајсман се појавија на подот во сенатот во средината на септември 2021 година, заедно со директорот на ФБИ, Кристофер Вреј.
Тие беа меѓу околу двеста жени кои во 2018 година пред судот ги кажаа деталите за насилството на поранешниот лекар. Сепак, мрачниот период е минато и сега се очекува легендарната гимнастичарка максимално подготвена да се врати на натпреварувањата.