• Зоран Мишевски
Младата македонска гимнастичарка Илина Соколовска го освои првото место на натпреварот по ритмичка гимнастика наречен „OWL Куп“ во Билефилд (Германија). На овој натпревар настапи и нејзината помала сестра Ева, која со девет години во нејзината категорија го освои второто место. Илина со оваа победа ја отвори сезоната на натпревари во Бундеслигата, каде од сезонава ќе се натпреварува во сениорската категорија, каде учествуваат и гимнастичарки до 20 години.
Илина и Ева со родителите живеат во Германија, но на натпреварите на домашен терен и на интернационално ниво настапуваат под македонско знаме.
„Ме радува што Илина со победа ја отвори сезоната во Бундеслигата, иако не беше лесно бидејќи настапуваше со девојчиња кои се по неколку години постари и поискусни од неа. Но се подготвуваше четири месеци и работата се исплати“, вели Горан Соколовски, таткото на двете девојчиња.
Следните официјални Бундес-натпревари Илина ќе го има наскоро во Кобленц и во Берлин.