Атлета од Куманово хит на Државното првенство во гимнастика во Битола

Три златни, пет сребрени и еден бронзен медал освоија гимнастичарите на Атлета од Куманово на Државното првенство во поединечна конкуренција, одржано викендов во Битола, и со тоа се стекнаа со статусот изненадување на турнирот.

На првенството клубот учествуваше со 23 натпреварувачи, од кои 9 во машка и 14 во женска конкуренција. Во силна конкуренција над 160 натпреварувачи од целата држава, кумановските гимнастичари забележително се истакнаа.

„Се надеваме дека Општина Куманово ќе ни излезе во пресрет, бидејќи на градот му е потребна гимнастичка сала, од причина што има голем број на гимнастичари кои сакаат да се занимаваат со овој спорт.

Исто така се надеваме дека „Соколана" може да биде сала само за гимнастика, за нашиот град да може да биде домаќин на Државни првенства во спортска гимнастика“, рече тренерот на Атлета, Филип Миленковски.

Во машката А програма во помлади пионери, Глигор Трајковски освои второ место, исто така Калин Илијевски беше втор во категорија постари пионери. Во Б програмата, категорија помлади пионери Дарин Бабановски освои второ место. Милош Јовановиќ се избори за прво место во категорија постари пионери, и Марко Величковски се закити со второ место во категорија постари пионери.

Во женската Б програма, категорија деца до 7 години, Анисија Станојковска освои прво место, во иста категорија Софија Цеков исто така беше второпласирана, во категорија пионерки Лена Трајковска се избори за прво место, а кај постари пионерки Ангелина Блажевска беше третопласирана.