Зибери: Против Албанија го одиграв најдобриот меч за Македонија

Садат Зибери имаше одличен меч и со два гола и една асистенција беше играч на средбата против Албанија која нашиот национален тим ја доби со 3-2 и како првопласиран оди понатаму. 

По дуелот, футсалецот за Gol.mk истакна дека е задоволен од прикажаното и вели дека ова е најдобрата негова партија во дресот со државниот грб. Но, истовремено предупредува дека ќе ни биде потребна добра физичка подготовка, за мечевите во следната рунда.

„Задоволен сум многу од одиграното. Знаевме дека со Албанија не чека еден тежок меч. Се работи за добра футсал селекција, но ние игравме мирно и го чекавме нивниот пад, за потоа да ја преземеме контролата на мечот. Први сме во групата, тоа ни беше цел. Одиме понатаму. Лично, ова беше најдобар меч за Македонија. Но, тоа немаше да успеам да го направам без соиграчите. Голема благодарност до нив. Што се однесува до наредната фаза, ќе мора да се подготвиме физички добро, во спротивно ќе биде многу борбено. Тактички с,е добри, но ни фали физичката подготовка“, изјави Зибери по средбата.

Наредната квалификациска рунда во борбата за пласман на Светското првенство во футсал ќе се игра во октомври, 2019 година. Нашиот национален тим во наредната рунда ќе игра во Украина, каде ќе се соочи со Украина, Словенија и Косово.