Железарец „се испоти“ во Велес

Нашиот футсал шампион, Железарец, издвојува тешка победа на гостувањето во Велес против КМФ Велес со 5-4 (3-2), во натпревар од 6. коло во ПФЛ. Домаќините го отворија резултатот со голот на Адиловиќ во третата минута, а Железарец израмни во петтата минута со голот на Даниел. Со головите на Леовски во 7. и 14. минута, првакот направи целосен пресврт за водство од 3-1. Кога сите помислија дека ова ќе биде уште една убедлива победа, домашните фудбалери со голот на Шатара во 17. минута намалија на 3-2, резултат кој остана на полувремето.

На почетокот од продолжението гостите сакаа набрзина да го решат мечот и со дел од мислите насочени кон Пескара, дозволија велешани со два брзи гола од контранапад во 23. и 24. минута преку Трајков и Шатара, да преминат во водство од 4-3. Гостите од Скопје од тој момент ја зедоа играта во свои раце и со головите на Агуши во 27. и Глигоров во 39. минута, го свртија резултатот во своја корист, за конечна и тешко издвојувана победа од 5-4 . Треба да се одбележи и тоа дека Глигоров покрај победоносниот гол на натпреварот имаше и четири асистенции.

Железарец по шест одиграни кола е со максимален учинок во домашното првенство, и сега му останува комплетно да ги насочи своите мисли кон Пескара, Италија каде ги игра натпреварите од елитната група од УЕФА футсал купот. Следен натпревар во првенството е против тимот на Хедис на 15. ноември.